Последни написи

Каква иронија: Наместо во хрониките на државата, најмакедонската партија се запиша во меници,  нотарски записи и во – фуснота

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Со 68 гласа „за“ и ниту еден против Собранието ги усвои заклучоците за францускиот предлог со кои пратениците дадоа согласност Владата да ја прифати преговарачката рамка и да учествува на првата меѓувладина конференција со која ќе отпочнат преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Ова ќе биде запишано во записникот од оваа седница на Собранието, и тој факт ќе биде забележан во хронологијата за патот на Северна Македонија со ЕУ. Во записникот, се разбира, ќе бидат наведени гласовите на одделните пратеници и на пратеничките групи.

Каде ќе биде ВМРО-ДПМНЕ во овие документи? Во фуснота, се разбира! И тоа – евентуално.

Неспоредливо ниска политичка култура

„Гласот“ на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нивниот лидер им го побара и им го запиша во нотарски изјави кои почнуваат со реченицата „Јас (името и презимето), пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, со мирна совест и здрава свест…“.

Многу демократски гест, нема што. Сега покрај мениците, имаат и нотарски запис.

Ете на тоа се сведе „најмакедонската“ партија, наместо во хрониките на државата, да биде запишувана на меници и на нотарски записи.

Инаку, ако нотарските изјави ги потпишуваа со мирна совест и здрава свест, нивното однесување за време на собраниската расправа ниту беше „мирно“, ниту беше „здраво“.

Напротив, беше спротивно на сѐ што е мирно и здраво однесување во политиката и во демократските општества со парламентарна демократија.

Како да запнаа со сите сили да го дадат уште еднаш својот придонес да се спушти уште подолу политичката култура која како таква, на многу низок степен, е регистрирана во извештаите за демократијата во земјата.

Како поинаку да се прифатат вувузелите, кинењето и палењато на собраниските документи, вандализмот со истурање црвена боја на собраниската говорница, ектсремниот говор на  омраза, агресивното и провокативно однесување со јасна намера да се предизвика инцидент… Еден крајно непримерен репертоар за кој е навредливо да се спореди дури и со улицата. Значи – неспоредливо ниска политичка култура.

Подготовка за избори

Но, да не се лажеме. Не сме ние толку наивни. Целиот овој напримерен циркус (дури и оваа споредба тешко ми паѓа да ја напишам заради почитта кон животните во циркусот), всушност е добра подготовка за избори. Предвремени или редовни сеедно затоа што ВМРО-ДПМНЕ, а и Левица, секако, се во континуирана кампања и ова беше само една од кулминациите што ќе се редат во наредниот период за подготовка на членството и неопределените да гласаат за нив на наредните избори.

Само што „математиката“ од двонеделните протести покажува дека 1 и 1 не се секогаш 2. Еве зошто: Последните три дена, особено на 15 и 16 јули кога вриеше дебатата и пиштеа вувузелите во Собранието, протестите спласнаа до неочекувани размери, а бројот на луѓето драстично почна да опаѓа, за да се сведе на само стотина за врема на гласањето во собраниската сала кога беа усвоени заклучоците за францускиот предлог.

Затоа беше паниката на пратеникот на Левица Крмов на социјалните мрежи кога крајно вознемирен повикиваше „СИТЕ ПРЕД СОБРАНИЕ, СИТЕ!!! Талат шверцерот ќе ја тера седницата до крај! Цел ден се сили, го крши Деловникот, се заканува ПРСТИ ЌЕ КРШЕЛ НА ПРАТЕНИЦИТЕ! Излегувајте сите пред Собрание!!!“

Големите букви се намерно пренесени така како што беа во постот на Крмов за да се види целата паника. И што? Ништо. Нула повеќе излегоа, а средниот прст на Апасиев е монументална слика на една крајни ниска политичка (не)култура.

Не ги поентираме овие моменти за да укажеме на промашената стратегија и тактики на опозицијата, туку за да покажеме дека утнаа во калкулациите.

Граѓаните кои на почетокот масовно излегоа за да го изразат своето незадоволство од францускиот предлог, во моментот кога сфатија дека енергијата им е киднапирана и капсулирана само за партиски цели, со секој ден во сѐ помал број излегуваа на улиците. Особено после повикот на лидерчето на Левица за радикализација, кој ВМРО-ДПМНЕ не го осуди, ниту го одби. Напротив, само го подбуцнуваа.

Екстремен говор на омраза и напади врз западноевропски лидери

Екстремниот говор на омраза од улиците и социјалните мрежи со ист интензитет се префрли во Собранието. Новиот момент што ќе остане забележан и што остава црна дамка е непримерниот напад врз високите западноевропски лидери и врз функционерите на ЕУ.

За голема срамота и за жалење што од говорницата на Сообранието, највисоките лидери на ЕУ беа наречени фашисти. Беше употребени најбрутална аналогија и дезинформација дека нацисти ни дошле дома за да не „стерилизираат нас Македонците“, како што ги стерилизирале лицата со наследни болести во нацистичка Германија во 1933 година.

Замислете ова беше одговор на ВМРО-ДПМНЕ на говорот на претседателката на Европската Комисија дојде пораката „Почитувани Македонци, внимателно ја слушав загриженоста за македонскиот јазик и идентитет. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е вашиот јазик. Предлогот го почитува исто така вашиот национален идентитет. Принципот на идентификација е важен за секој од нас. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека процесот на пристапување ќе ги почитува европските принципи и стандарди. Билатералните прашања, како што се толкување на историјата не се услов на пристапните преговори“.

Појасно кажано не може да биде, ама кој да слуша. Требаше да се прочита тоа што им е напишано и точка. И уште да се искине и да се запали.

Што искинаа и запалија во Собрание?

И што запалија??!? Собраниски документ во кој пишува дека заклучоците ја задолжуваат Владата на Република Северна Македонија, преку државната делегација за преговори со ЕУ, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската унија.

Запалија документ со кој ја обврзуваат Влладата преговорите да ги води на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година, и дека овие заклучоци ссе задолжителни за актуелната и секоја идна Влада.

Таков документ искинаа и запалија и се потпишаа на нотарски записи. „Најмакедонската“ партија.

Владата падна на испитот на транспарентност

Но, што уште научивме од настаните поврзани за францускиот договор?

Научивме дека Владата падна на испитот на транспарентност и особено на подготовката на јавноста за еден вака сложен процес.

Не може да се бара оправдување во чувствителноста на ова прашање, ниту, пак, во елаборацијата дека во овој процес има(ше) повеќе страни кои треба(ше) да се усогласат.

Да не заборавиме дека само пред две или три години нашата земја помина низ уште посложени процеси (промената на името и членството во НАТО), па сепак одговорот на злонамерните кампањи беше добро и навремено подготвен. Јавните расправи и консултациите беа подготвувани со стратегија соодветна за такви сложени процеси и со креирање на коалиции за поддршка благодарение на кои прилично добро беа амортизирани нападите кои воопшто не беа наивни.

Затоа сега е многу важна точката 5 од заклучоците за францускиот предлог, усвоени без ниту еден глас против, со која се задолжува Владата редовно и континуирано да го иннформира Собранието (јас би додал и јавноста) за текот на пристапните преговори, вклучително и процесот на скрининг како прва фаза, како и за одвивањето на меѓувладините конференции за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

Во целата оваа ситуација уште една работа останува поматена: Ни се помати радоста и свечениот миг од оваа голема одлука – Северна Македонија ги отпочнува преговорите со ЕУ.

И затоа треба да си дозволиме и една шега на наша сметка: Конечно, го имаме датумот – 19 јули.

П.С.

Додека го завршувам овој текст, на ТВ ја слушам оваа вест: МВР приведе злосторничка група од Македонци и Бугари, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги“.

И си велам нема шанси за бугаризација, Македонци и Бугари обединети во различностите…

Latest Posts

Не пропуштај