Последни написи

Дезинформации: Што стана со приказната за „милион Африканци“ во Македонија?

И по руската инвазија на Украина, која во моментов предизвика над 5 милиони бегалци од Украина, Кремљ повторно ги користи дезинформациите за бегалците како оружје во информациската војна против Западот и ЕУ, пишува Жарко Трајаноски во колумната „Пропагандните конспирации за кампови за бегалци и мигранти во Македонија“, објавена во Независен весник.

Што стана со приказната за „милион Африканци“ во Македонија? Дезинформациите не се состојат секогаш од „лажни вести“. Понекогаш, дезинформациите се состојат од изјави и тврдења чија вистинитост не може да се провери, а кои се маскираат како „информации“. На пример, пред повеќе од две години, еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ „сподели“ нешто што го нарече ексклузивна „информација“: „Сакам да споделам една информација, да ви кажам ексклузивно дека СДСМ сака да донесе еден милион Африканци во Македонија…“ Она што беше пласирано како „една информација“, всушност беше една теорија на заговор која може да се разложи на повеќе дезинформации.

 Првата дезинформација беше дека постоел некаков „план на СДСМ“ кој бил откриен од пратеникот. Втората дезинформација содржеше инсинуација дека тоа не било само план на СДСМ, туку и на „пријателите“ во наводници (како што објави „Инфомакс“). Третата дезинформација беше дека „Македонија тогаш ќе се вика Македонија Етиопија“. Четвртата дезинформација беше дека во Македонија има само еден милион жители (и таа не можеше тогаш да се провери, затоа што немаше ни попис, ни резултати) и дека некој планира да насели уште еден милион („Колку што нѐ има 1 милион, уште еден милион“). Петтата дезинформација беше дека „Тоа е договорено да се направи до 2030“. Сите овие дезинформации не се состојат од „лажни вести“, туку од тврдења кои се однесуваат на иднината чија вистинитост не може да се провери во моментот кога се „обзнануваат“.

И две години по овие тврдења, ние не можеме да кажеме дека се „лажни“, затоа што се однесуваат на временски период кој не е завршен. Но можеме да кажеме дека по две и кусур години она што беше „споделено“ како „информација“, се покажа дека нема фактичка поткрепа, дека е пропагандна дезинформација. Во јавноста не се обелодени никаков конкретен план за населување на еден милион Африканци, ниту од СДСМ, ниту од „пријателите“, ниту пак Македонија стана „Македонија Етиопија“, ниту пак пописот покажа дека има еден милион жители.

Пропагандно ширење на дезинформации како „факти“ и „вести“  Изјавите за организирано населување на еден милион Африканци не беа засновани на факти, и затоа не можеме да кажеме дека се „вести“, но и покрај тоа беа пласирани во медиумите и споделувани на социјалните мрежи токму како „факти“ и „вести“.

Неретко, во медиумите бевме сведоци на синџир од дезинформации кои пропагандно се надоврзуваа една на друга, а се презентираа како „факти“. На пример, дезинформацијата објавена на „Инфомакс“ за „милион Африканци“ се надоврзува на претходната дезинформација дека „СДСМ одлучиле да прифатат неверојатни 150 илјади мигранти во Република Македонија“, „обзнанета“ од екс-премиерот во интервју за Инфомакс. Индикативно е тоа што и двете дезинформации се илустрирани на „Инфомакс“ со иста фотографија и се споделуваа небаре станува збор за „неприкосновени факти“. На пример, фејсбук страницата „ФАКТ вести“ ја сподели „веста“ дека „СДСМ одлучиле да прифатат неверојатни 150 илјади мигранти“.

Како што може да се види од насловната фотографија на „Факт вести“, станува збор за страница која е брендирана со слоганот на ВМРО-ДПМНЕ „Македонија за сите луѓе“ – партијата чиј пратеник подоцна ширеше ксенофобична теорија на заговор за населување на еден милион Африканци во „Македонија Етиопија“.

Ова се сериозни индиции дека не станува збор за ненамерно и бенигно ширење на фактичко незасновани информации, туку за намерно и малигно партиско пропагирање на дезинформации.

Долгогодишни антизападни кампањи со дезинформации за бегалци и мигранти Индикатор за политичка „црна пропаганда“ е што дезинформацијата продолжува да се споделува од истите медиуми, кои се повикуваат и на други извори. На пример, на 12.03.2020 порталот Инфомакс објави текст со наслов „ФATEН ЖИB: Заев зел 10 милијарди евра за милион мигpaнти во Македонија, тврди српски пратеник“. Изјавата на поранешниот српски пратеник е првично споделена на Твитер од поранешен судија (обвинет и подоцна осуден за злоупотреби), а е зајакната од „Инфомакс“ со „фатен жив“. Тука повторно станува збор за балканска теорија на заговор, непоткрепена со факти, но која се пласира како „факт“ и „вест“, зајакната во насловот со изразот „фатен жив“. Не се изнесени никакви докази дека спомнатите балкански политичари „договориле прием на 5 до 8 милиони мигранти на оваа територија… и за тоа добиле меѓу 100 и 160 милијарди евра“. Но, споменатите балкански политичари се оцрнети како западни платеници, а за Заев експлицитно се тврди дека бил „фатен жив“ како „зел 10 милијарди евра за милион мигpaнти во Македонија“. Во теоријата на заговор се имплицира и Сорос, перманентна мета на бројни политички дезинформации и теории на заговори во последните неколку децении.

И во 2018, во ТВ-медиумите, на проруските портали и на социјалните мрежи се ширеа дезинформации за планови за изградба на кампови за бегалци и мигранти, што беше демантирано од премиерот и министерката за одбрана (Никој досега ниту во ЕУ, ниту во НАТО не побарал кампови за бегалци). И пред локалните избори во 2017, ВМРО-ДПМНЕ иницираше неуспешна ксенофобична кампања за распишување локални референдуми против изградба на центри и кампови за бегалци, со цел референдумите да се поклопат со денот на изборите. И за време на политичката криза 2015-2017, руските пропагандни медиуми ширеа дезинформации за „планови на Брисел“ за сместување на „десетици илјади бегалци“ во Македонија. И по промената на власта во 2017, на проруски портали и фејсбук страници почна да се оцрнува ЕУ дека решила „Балканот да стане отпад за мигранти!“

 Во 2021, не само пред локалните избори, туку и за време на изборната кампања, беа констатирани дезинформации проследени со говор кој поттикнува дискриминација, нетрпеливост и омраза кон мигранти и бегалци.

Во август 2021, Хелсиншкиот комитет повика да не се шират дезинформации за бегалците од Авганистан, потсетувајќи на дезинформаторските кампањи од 2015-2017: „Изминативе години, особено за време на бегалската криза во периодот 2015-2017, дезинформациските кампањи поврзани со бегалците и мигрантите беа постојано присутни во јавниот дискурс. Иако реалноста целосно ги демантираше лажните вести за населување на стотици илјади мигранти и градење бегалски кампови, омразата продолжи да се одржува во континуитет и деновиве повторно доживува подем“.

Антизападните кампањи оркестрирани од Кремљ продолжуваат и за време на бегалската криза по руската инвазија врз Украина  Западот и ЕУ беа мета на бројни долгогодишни кампањи со дезинформации во врска со бегалците и мигрантите. Уште во 2017, една анализа утврди дека проруската пропаганда ја експлоатира темата за миграцијата за да ги поддржи геополитичките цели на Кремљ – дека проруските пропагандни медиуми се главно одговорни за ширењето на дезинформации и лажни вести во врска со миграцијата. Главна мета на проруската антиимигрантска пропаганда е Западот, особено ЕУ, затоа што со црните кампањи со дезинформации за мигрантите се поларизира јавноста, се поткопува единството во ЕУ (и довербата во нејзините институции и вредности) и се спречува натамошното проширување.

И по руската инвазија на Украина, која во моментов предизвика над 5 милиони бегалци од Украина, Кремљ повторно ги користи дезинформациите за бегалците како оружје во информациската војна против Западот и ЕУ. Кампањи со дезинформации за бегалците од Украина се регистрирани во земјите членки на ЕУ кои примија најмногу бегалци – со најразлични наративи кои ги дискредитираат, криминализираат, привилегираат или дехуманизираат бегалците. Такви дезинформаторски кампањи има и во соседна Бугарија, која прими над 200 илјади бегалци од Украина, каде што користат дискредитирачки наративи (на пример, дека бегалците се сместени во скапи хотели и дека дошле со скапи автомобили) со цел да се поларизира јавноста и да се насочи против бегалците.

Зошто путиновата пропаганда ги таргетира и дискредитира бегалците од Украина? Па, колку што повеќе бегалците од Украина се дискредитирани во јавноста на земјите членки на ЕУ, толку помалку се слуша нивниот глас за ужасите од руската инвазија во Украина.

(Жарко Трајаноски е дел од Институтот за медиуми и аналитика ИМА)

Latest Posts

Не пропуштај