Последни написи

Украина денес: Русија го бомбардира Киев, загина 15 годишно девојче, ранет новинар на Фокс Њуз

Руското немилосрдно бомбардирање на Украина се приближи до центарот на Киев со серија напади што погодија станбена населба додека лидерите на три европски земји планираат храбра посета на Киев во знак на поддршка, пренесе АП.

Лидерите на Полска, Чешка и Словенија објавија дека денеска ќе отпатуваат во главниот град на Украина во мисија на Европската унија за да ѝ дадат поддршка на земјата. „Целта на посетата е да се изрази недвосмислената поддршка на Европската унија за Украина и нејзината слобода и независност“, напиша чешкиот премиер Петр Фиала на Твитер.

Нему ќе му се придружат словенечкиот премиер Јанез Јанша, полскиот премиер Матеуш Моравјецки и Јарослав Качински, кој е заменик-премиер за безбедност на Полска и лидер на конзервативната владејачка партија.

Во големите експлозии кои низ Киев одекнаа непосредно пред зори од, како што рекоа украинските власти, артилериски напади се запали огромен пожар во 15-катна станбена зграда.

Најмалку едно лице загина, а други останаа заробени внатре. Ударните бранови од експлозија го оштетија и влезот на станицата на метрото во центарот на градот, која се користеше како засолниште од страна на цивилите.

Градските власти на Твитер објавија слика од разнесената фасада, велејќи дека возовите повеќе нема да застануваат на станицата.

Руска граната погоди и приватна куќа во градот Дерхачи, регионот Харков, при што загина девојче родено во 2007 година. Ова го изјави на Фејсбук Серхи Болвинов, шеф на истражниот оддел на полицијата на регионот Харков, пренесува Укринформ.

Две лица загинаа додека 35 се спасени во гранатирањето на Киев ова утро, соопшти украинската државна служба за вонредни ситуации.

Според нив, погодени се три згради од 9, 10 и 16 ката во окрузите Свјатошински и Подилски, приватна куќа во областа Дарнитски и дел од станица на метрото Лукјанивска.

Во вчерашните напади беше ранет и репортерот на Фокс Њуз, Бенџамин Хол додека известуваше од околината на Киев. Тој е хоспитализиран, објави американската медиумска куќа.

„Засега имаме малку детали, но Бен е хоспитализиран и нашите тимови на терен работат на собирање дополнителни информации бидејќи сè се случува со голема брзина“, изјави извршната директорка на Фокс Њуз, Сузана Скот во порака до вработените во медиумската куќа.

Во текот на ноќта, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави уште една видео-порака во која изрази нота на внимателен оптимизам за тековните мировни преговори со Русија.

Тој тврдеше дека Русија почнува да сфаќа дека победата нема да дојде на бојното поле.

„Тие веќе почнаа да сфаќаат дека нема да постигнат ништо со војна“, рече Зеленски.

Претседателот, исто така, директно им се обрати на руските војници, велејќи: „Ако им се предадете на нашите сили, ние ќе се однесуваме со вас онака како што треба да се однесуваат со луѓето“.

Зеленски, во своето обраќање ја изрази својата благодарност до жената која синоќа упадна во програмата на руската државна телевизија „Канал еден“ држејќи транспарент против војната.

Би-Би-Си пренесе дека русинката која го држеше транспарентот на кој пишуваше „Не на војна, запрете ја војната, не верувајте на пропагандата, ве лажат тука“, со кој застана зад водителката на вечерните вести и извика „Запрете ја војната“ пред програмата да биде прекината е всушност уредничката на каналот, Марина Овсијаникова.

Групата за човекови права „ОВД-инфо“, која ги следи протестите и приведувањата во Русија, соопшти дека Овсјаникова е приведена. Русија неодамна донесе закон со кој ширењето „лажни вести“ за руската воена операција во Украина се казнува до 15 години затвор.

извор: МЕТА

Latest Posts

Не пропуштај