Последни написи

Лазаревски: ДУП за Влае 2 треба да се ревидира, да се заштити јавниот простор!

Граѓанскиот активист и поранешен советник во Советот на Град Скопје, Васко Лазаревски објави текст на социјалната мрежа Фејсбук, со кој предупредува дека со Деталниот урбанистички план за Влае 2 ќе се уништат јавни површини, паркови и зеленило, за да се изградат згради и други објекти.

Ставот на Лазаревски го пренесуваме во целост:
„Деталниот урбанистички план за Влае 2, предвидува:
– верски објект на место на инклузивно игралиште и зеленило,
– изградба на станбени згради со висина од 29 метри во паркчето спроти старо кино Влае
– изградба на објект за спорт и рекреација на местото на сегашниот отворен, јавен спортски комплекс покрај Вардар кај мостот Обединети нации.
Овие решенија не придонесуваат за подобар квалитет на живот во Влае. Јавните површини кои се засегнати не треба да бидат пренаменети, или да се ограничи нивниот карактер како јавен простор.
Особено штетни се градењето на затворен спортски комплекс на место каде и сега има спортски терени кои масовно се користат, како и уништувањето на малото паркче покрај Партизанска.
Овој ДУП треба да се ревидира, да се изрлат спорните делови и да се заштити јавниот простор, а со тоа и јавниот интерес.
Генералниот план ги дава нумеричките параметри во кои треба да се движи планирањето на просторот, но обврска на општината е да направи детален план и да даде дозволи за градба. Затоа, ги повикувам членовите на советот на општина Карпош да овозможат ревизија на предложениот ДУП која ќе ги земе предвид овие забелешки и потребите на жителите на овој дел на Карпош.
Што се однесува до делот за овозможување изградба на објект за здравство, во принцип,, секогаш поддржувам изградба на здравствени објекти и за тоа немам замерка“.

Latest Posts

Не пропуштај