Последни написи

Две недели од руската инвазија во Украина, гранатирани болници и породилишта

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски ја обвини Русија дека извршила геноцид откако руската армија гранатираше детска болница во градот Мариупол. Во нападот била повредена бремена жена која чекала породување, а повеќе деца се нашле под урнатините. Според украинските власти ова бил само еден од вкупно три напади кои руската војска ја извршила врз болници вчера. Бомбардирани биле и две болници во градот Житомир, кој се наоѓа на околу 150 километри западно од Киев.

Украинските власти соопштија дека во нападот во медицинскиот комплекс во Мариупол биле ранети најмалку 17 лица, пренесе Асошиетед Прес.

„Воен напад врз породилиште е конечен доказ дека се спроведува геноцид врз Украинците. Европејци, нема да можете да кажете дека не сте знаеле што им се случува на Украинците во Мариупол. Поради тоа мора да ги зголемите санкциите врз Русија, на тој начин што никогаш повеќе нема да може да го продолжи овој геноцид. Морате да извршите притисок врз Русија за таа да седне на преговарачка маса и да се стави крај на оваа варварска војна“, рече Зеленски.

Светската здравствена организација соопшти дека потврдила 18 напади врз медицински установи од почетокот на руската инвазија пред две недели.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е домаќин на разговорите на највисоко ниво досега меѓу двете страни рече дека се надева оти средбата меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот украински колега Дмитро Кулеба „ќе ја отвори вратата за траен прекин на огнот“.

„Детска болница. Породилна болница. Каква закана беа за Руската Федерација? Каква е оваа земја, Руската Федерација, која се плаши од болници, се плаши од породилишта и ги уништува?“ праша Зеленски во своето ноќно видео обраќање.

Тој го повика Западот да воведе уште построги санкции, така што Русија „веќе нема можност да го продолжи овој геноцид“.

„Има малку работи поразвратни од таргетирање на ранливите и беспомошни“, напиша британскиот премиер Борис Џонсон на Твитер, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „ќе одговара за неговите ужасни злосторства“.

СЗО соопшти дека потврдила 10 смртни случаи во напади врз здравствени установи и амбулантни возила и потврдиле 18 напади на медицински објекти откако започна руската инвазија врз Украина пред две недели.

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутиереш ги осуди нападите, апелирајќи насилството да престане веднаш.

„Денешните напади врз болницата во Мариупол во Украина, каде се наоѓа детска клиника и породилиште  се ужасни. Цивилите ја плаќаат највисоката цена за војната која нема никаква врска со нив. Ова бесмислено насилство мора да сопре. Престанете со крвопролевањето веднаш“, напиша Гутиереш.

Вчера околу 35 илјади Украинци ги напуштиле опколените градови, откако беше прогласен прекин на нападите за да се евакуира цивилното население. Сепак оваа бројка беше помалку од очекуваното бидејќи неколку обиди за евакуација повторно не биле успешни. Украинските власти изразија надеж дека евакуацијата ќе продолжи и денеска со нови три хуманитарни коридори кои треба да бидат отворени во Мариупол, Волноваха и Изиум.

Според УНХЦР досега преку два милиони бегалци ја напуштиле Украина.

извор: МЕТА

Latest Posts

Не пропуштај