More

    Кулеба и Лавров ќе продолжат да работат на решение на хуманитарната криза во Украина

    По најновата рунда преговори меѓу Украина и Русија што се одржа денеска во Анталија, на иницијатива на Турција, министрите за надворешни работи на двете земји, Дмитро Кулеба и Сергеј Лавров се договориле да продолжат напорите за двете страни за решавање на хуманитарните прашања во Украина, по двонеделната руска инвазија на земјата, јави Би-Би-Си.

    Фото: Исечок од видеообраќање

    Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба нагласи дека двете страни се договориле да продолжат напорите за решавање на хуманитарните прашања и рече оти е подготвен за повторна средба „во истиот формат, ако има изгледи за суштинска дискусија и барање решенија“.

    „Јас сум подготвен да продолжам со овој ангажман со цел ставање крај на војната во Украина, сопирање на страдањата на украинските цивили и ослободување на нашите територии од руските окупаторски сили“, рече тој.

    Сергеј Лавров, исечок од видео-обраќање на самитот во Анталија
    Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, на прес-конференција по преговорите во Анталија со неговиот колега од Украина, Дмитро Кулеба. Фото: Исечок од видеопренос на Јутјуб-каналот на МНР на Русија. 10 март 2022

    Министерот за надворешни работи на Русија пак од Анталија потврди дека на иницијатива на, како што рече „нашите турски пријатели“ најмногу се разговарало за хуманитарните прашања. Сергеј Лавров ги потврди руските обвинувања дека „цивили се користат како заложници“ од страна на „таканаречените сили на територијалната одбрана“, но рече дека Русија и понатаму одржува хуманитарни коридори за цивили.

    По прес-конференцијата, украинскиот министер за надворешни работи рече дека две работи треба да бидат приоритет: организирање на хуманитарен коридор од Мариупол и постигнување 24-часовно примирје. Кулеба рече оти се надева дека Лавров ќе искомуницира со донесувачите на одлуки во Кремљ за да почне да функционира хуманитарен коридор од Мариупол.

    Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека земјата излегла од Советот на Европа, водечката организација за човекови права. Во писмено соопштение, министерството порача дека земјите-членки на ЕУ и НАТО се „непријателски кон Русија“, обвинувајќи ги за злоупотреба на нивното мнозинство во Комитетот на министри на Советот на Европа.

    „Овие земји ја продолжуваат својата политика на уништување на Советот на Европа и споделениот хуманитарен и правен простор во Европа“, се вели во соопштението до руското МНР.

    Советот на Европа е најстарото паневропско политичко тело, чијашто цел е заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото на целиот континент. Советот на Европа е формиран во 1949 година, набргу по крајот на Втората светска војна.

    извор: МЕТА

    Exit mobile version