Министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, ја оцени како „класична закана“ завчерашната објава на руската амбасада во земјава, во која се обрнува внимание на „невиденото ниво на русофобија“ во повеќе земји за, како што Русија ја нарекјува „специјалната воена операција во Украина“, и се предупредува „ дека сите вакви инциденти се внимателно евидентирани“.
„Околу објавата од руската амбасада, таа е непримерна и е класична закана. И ние ја интерпретираме како закана надвор од нормалната дипломатска комуникација“, изјави Османи.
Тој воедно го коментираше и списокот на „непријателски држави“ објавен денеска од владата во Москва. „Ние не сме информирани официјално за променет став на Русија во однос на нашата земја. Нашата позиција кон руската агресија е јасно кажана и ние се придружуваме на позициите на ЕУ“, посочи Османи.
Османи воедно изјави дека во рамките на тројката-претседавачи со ОБСЕ, на вонредниот министерски состанок во петокот иницирал дипломатски обид за комуникација со рускиот народ, со повик да се здружи во осуда и спречување на агресијата во Украина.