Последни написи

Хелсиншки комитет: Воената инвазија на Русија врз Украина резултираше со бројни човечки жртви и над половина милион бегалци 

Во соопштението “Мирот е основен предуслов за опстанок на цивилизациските вредности“, Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна:
Воената инвазија на Русија врз Украина веќе резултираше со бројни човечки жртви и над половина милион бегалци и раселени лица. Кога е загрозено човековото право на живот, тоа значи рушење на сите права и слободи на луѓето, кои се најголемиот цивилизациски дострел. А тоа што состојбата брзо ескалираше до закани со нуклеарна војна, не’  соочува со опасноста од планетарна, а со тоа и цивилизациска катастрофа.

Во моменти кога главниот збор го има оружјето, акцент ставаме на нацрт-резолуцијата претставена на Генералното Собрание на Обединетите Нации за брз прекин на воените дејствија и воспоставување на мирот, затоа што само на тој начин ќе се спречи продлабочувањето на хуманитарната криза. Деновиве, нашите мисли се со Украинците, кои се справуваат со ужасите на војната, но и со оние руски граѓани, кои и покрај забраната за протест и другите репресивни методи, активно се спротивставуваат на крвопролевањето, кое носи страдања за сите.

Луѓето од нашите простори добро знаат што значи безумие кое го девалвира човечкиот живот и токму затоа апелираме до граѓаните да ја задржат трезвеноста и да се воздржат од говорот на омраза, кој има многу посериозно влијание во моменти на акутна криза.  Ова особено се однесува на носители на јавни функции, затоа што деновиве имаме прилика да видиме како народни претставници, заради добивање политички поени, промовираат агресија и насилно справување со неистомисленици, a во контекст на украинскиот конфликт. Апелот се однесува и на потребата од внимателност при информирањето, затоа што индустријата на лажни вести и дезинформации неуморно го поларизира општеството и светот до несогледливи граници.

Разумот е главен предуслов за мир, а мирот за севкупниот опстанок и напредок на човекот, државите и човештвото. Демократијата и неприкосновените права и слободи на човекот се производ на научените историски лекции и на заложбата на Обединетите нации за зачувување на мирот, стабилноста и просперитетот на сите народи согласно меѓународното право.

Да не ги заборавиме.

Latest Posts

Не пропуштај