дома блог

Фалична анкета

0
  •  Анкетата на ИПИС вели дека три до четири пратеници би добила и Алијанса на Албанците, а оваа партија од трети февруари е поделена
  • Во анкетата, АА е третирана како унифициран субјект. Нејзиниот симбол е двоглавиот орел, а веќе има двајца челници
  • Објавувањето на ваков начин на резултатите е голем методолошки пропуст и изгледа како да е дел од политичко партиски инженеринг

СЕФЕР ТАХИРИ

Време е да се спроведе една анкета за анкетарите односно колку народот верува во анкетите на јавното мислење, бидејќи како што се ближат изборите сѐ повеќе ќе се објавуваат „еднострани“ и фаворизирачки резултати.

Последните објавени резултати од анкетата на ИПИС (Институтот за политички истражувања) на познатиот аналитичар Владимир Божиновски наместо да даваат објективна слика за расположението на гласачкото тело пред избори, создадоа конфузија. Во делот на албанскиот политички блок, сигурно.

Анкетата на ИПИС вели дека освен другите политички партии, три до четири пратеници би добила и Алијанса на Албанците, и тоа еден во изборната единица број пет и два до три во изборната единица број шест. Оваа анкета иако е објавена на 20 март оваа година за потребите на јавниот сервис, ниту нарачателот (иако има законска обврска за тоа), ниту реализаторот не објаснија за публиката дека Алијанса на Албанците е третирана како унифициран политички субјект. Оваа партија одамна веќе не е тоа!

Таравари уште на 3 февруари на Фејсбук лично објави дека се приклучува кон албанскиот опозициски блок во кој членуваат и Демократското Движење на Изет Меџити, Движењето Беса на Билал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и претставникот на Движењето Самоопределување од Косово во Северна Македонија, Беким Ќоку.

Алијанса на Албанците, како некогашната Партија за демократски просперитет во 1993 и почетокот на 1994 година е поделена во два блока. Таа како симбол го има двоглавиот орел, а веќе и партијата е со двајца челници.

Судот уште не донел одлука, но и да донесе, легитимитетот на една партија не зависи од судската одлука или кој го има печатот. Точно е дека на Балканот постои хумористичен скеч со прашањето: Каде е печатот?

Уште повеќе симптоматично е како еден искусен институт не земал предвид дека Алијанса на Албанците е поделена, а последната анкета е спроведена кон крајот на февруари и почетокот на март на репрезентативен примерок од 6.069 испитаници.

Еден дел го води претседателот на оваа партија, Зиадин Села, кој е во преговори за коалиција со ДУИ односно за приклучување кон фронтот на Ахмети „Да за Европа, не за Русија“. Исто така, не земал предвид дека еден дел на чело со доскорешниот претседател на партијата, Арбен Таравари е приклучен кон опозицискиот блок, кој веќе не се нарекува Движење за европски промени (ДЕП), туку коалиција ВРЕДИ (на албански е VLEN). На кратенката ДЕП е додадено В, како симболика за партијата Самоопределување (на албански Vetëvendosje).

Како може Таравари во анкетата да се третира како претседателски кандидат на ВРЕДИ, а коалицијата да се третира без крилото на неговата партија? И разликата меѓу неговите гласови и на коалицијата е голема, околу 1.3%, бидејќи за ВРЕДИ се изјасниле 4.4%, а за Таравари 5.7%, што при ваков квантум на гласови е голема разлика! Иако и Бујар Османи од ДУИ со 7% анкетен рејтинг има предност од 0.7% пред неговата партија. И кај другите кандидати резултатите со рејтингот на партиите е речиси идентичен.

Секако дека при симулирањето на пратеничките мандати со земање предвид на овие факти резултатите би биле поинакви.

Објавувањето на ваков начин на резултатите е голем методолошки пропуст и звучи како да е дел од политичко партиски инженеринг со пропагандистички цели и фрла сенка не само врз оваа, туку и врз сите анкети кои се спроведуваат за мерење на јавното мислење пред избори. Во тридеценискиот период не се „промашиле“ дел од анкетите, туку цели анкети, и затоа не е ниска довербата само кон политичките партии, медиумите, туку и кон „анкетарите“.

Никој нема право да ја изместува демократската волја на граѓаните и затоа во иднина анкетарите (кои работат за пари) треба да бидат внимателни при изборот на методологијата за истражување на јавното мислење, односно да ги земаат предвид сите околности од стварноста. Методологијата не ја диктира стварноста, туку стварноста методологијата.


Проф. д-р Сефер Тахири е универзитетски професор. 

Извор: ЦивилМедиа

Членството во ЕУ значи – поефикасна борба со корупцијата и криминалот, оддалечувањето е со големи ризици!

„Поради многу причини земјава мора да го продолжи својот пат кон полноправно членство во ЕУ. Не само поради огромниот економски потенцијал и придобивки за граѓаните и бизнисите, туку и заради тоа што членството во ЕУ значи и далеку поефикасна борба со корупцијата и криминалот и далеку подобро владеење на правото и функционирање на институциите“, велат соговорниците со кои разговараше „Фронтлајн“, на тема: „Зошто по секоја цена не треба да се загрозува европската иднина на Северна Македонија?“

– Има многу причини поради коишто земјава мора да го продолжи својот пат кон полноправно членство во ЕУ. И тука не зборуваме само за огромниот економски потенцијал и придобивки за граѓаните и бизнисите. Членството во ЕУ значи и далеку поефикасна борба со корупцијата и криминалот и далеку подобро владеење на правото и функционирање на институциите. Земјите од ЕУ и самата Унија се најголеми економски партнери на земјава, а да не зборуваме за огромната неповратна помош, милијардите евра што ги добивавме досега за изградба на инфраструктура, патишта, болници, училишта, градинки, водоводи, помош за земјоделците, за реформи на институциите итн. Оваа поддршка ќе се зголеми значајно кога ќе станеме членка на ЕУ. Наспроти тоа, ако споредиме, соработката и поддршката од земјите надвор од евроатлантските структури, со ретки исклучоци, е многу мала, изјави за „Фронтлајн“, Петрит Сарачини од Институт за медиуми и аналитика.

Петрит Сарачини

Затоа, додава тој, не смееме да ја загрозиме стратешката определба за членство во ЕУ, која ја имаме од самото осамостојување на земјата.

– Оддалечувањето од овој пат може да ни донесе големи ризици за иднината и просперитетот на земјата и нејзините граѓани – загрозување на стабилноста и продлабочување на поделбите, назадување на економијата и загрозување на стандардот на граѓаните, како и зголемување на корупцијата и криминалот, подвлече тој.

Долгогодишниот новинар и познавач на политичките збиднувања во земјава, Ацо Кабранов вели дека државата под никоја цена не треба да отстапи од евроинтеграцискиот пат. Затоа што, како што вели тој, тоа е гаранција дека македонската економија ќе се дигне од дното, ќе профункционира правната држава, корупцијата и криминалот ќе се сведат на подносливо ниво.

Ацо Кабранов

– Едноставно само со ЕУ ќе изградиме демократско општество. Македонија ќе стане пристојно место за живеење за сите граѓани, а не како што е сега држава во која олигарсите и криминалците ја имаат како нивна своина и затоа на секој начин со влијание пред сè врз партиите што го кочат патувањето на Македонија таму каде што припаѓа – во ЕУ, изјави Кабранов за „Фронтлајн“.

Ерол Ризаов, новинар и публицист со долгогодишно искуство во журнализмот во изјава за „Фронтлајн“ вели дека во Македонија не постои друга поделба освен тоа дали си за европска Македонија, за европски вредности, европеизација или си против тоа.

– Флоскулата која ја пласираат кандидатите на опозицијата и самата опозиција дека и тие се за европска Македонија, притоа поставувајќи разни програми од типот по која цена…, зборувајќи за национална гордост и за изгубен идентитет, тоа е оправдување за блокирање на сопствената држава за најважното историско прашање за иднината на државата и граѓаните на Македонија, вели Ризаов.

Ерол Ризаов

Според него, ако не се постигне консензус меѓу релевантните, најголемите политички партии што ќе победат на изборите, Македонија ќе остане на маргините и ќе доаѓа во ситуација да се доведе во прашање нејзиниот понатамошен опстанок како држава.

– Длабоку сум уверен дека во наредните десет години може да се остварат најзначајните интереси на ова држава, нагласи тој.

Зуди Џелили – поранешен пратеник и поранешен кандидат за претседател на државата за „Фронтлајн“ изјави дека Само на Русија ѝ пречи проширувањето на ЕУ и со земјите од Западен Балкан.

Зуди Џелили

– Бидејќи земјите од Западен Балкан се дел од Европа, затоа и иднината треба да ја гледаат како членки на ЕУ. Членството во НАТО на неколку поранешни југословенски републики, но и други балкански држави донесе сигурност во безбедносен аспект. Помошта што ја добиваме од ЕУ и САД се доволен доказ дека сакаат да бидеме дел од друштвото на ЕУ, но не само тоа – да се развиваме и да имаме подобра иднина како држава. Сите треба да работиме интензивно да ги исполниме условите што се потребни за секоја нова членка. Само на Русија ѝ пречи ширењето на ЕУ, заради нејзини геостратешки цели, но Русија не е дека се грижи за судбината на народите тука, напротив максимално ги користи емотивните чувства на помали групи на граѓани да внесе немир и нестабилност, изјави Џелили за „Фронтлајн“.

Уставните измени се услов за да се продолжи процесот на евроинтеграции односно да се свика втората меѓувладина конференција за која ќе нема потреба од дополнителни политички одлуки, како и да се отвори првиот преговарачки кластер. Ова како јасна порака е посочено и во нацрт заклучоци од состанокот на Советот за општи работи (ГАК), кој го сочинуваат шефовите на дипломатиите во ЕУ.

Од друга страна план за раст на Западен Балкан кој официјално беше презентиран на 8 ноември 2023 година, заедно со извештаите за напредокот на земјите-кандидатки, предвидува шест милијарди евра за регионот, но за да ги добијат, државите треба да направат реформска агенда и да се придржуваат на неа.

Извор: фронтлајн

Штрајк во „Аустријан ерлајнс“, откажани и летовите меѓу Виена и Скопје

Од Виена до Скопје се откажани двата лета за денес и едниот кој беше предвиден за утре. Поради штрајкот на компанијата откажани се вкупно 400 летови

Двата лета за денеска и едниот за утре од Виена до Скопје на австриската авиокомпанија „Аустријан ерлајнс“ се откажани, покажуваат информациите од официјалната интернет страница на виенскиот аеродром. И на веб страницата на скопскиот меѓународен аеродром ги нема летовите кон и од Виена за денес и за утре. Скопје е само една од многуте дестинации кон кои нема да летаат авионите на „Аустријан“, поради претходно најавениот штрајк на екипажите.

Како што пишува регионалниот портал Ексјуавиејшн, штрајкот започна денес и ќе трае и утре, петок на 29 март, поради спорот околу платите, што резултираше со откажување на 400 летови кои влијаат на 50.000 патници.

Во текот на погодениот дводневен период, Аустријан“ требаше да реализира 24 летови од Виена до градовите во рамките на поранешна Југославија, вклучувајќи шест лета до Белград, четири до Сараево и Загреб, три до Приштина и Скопје, два до Подгорица и по еден до Дубровник. и Сплит.

Како резултат на штрајкот, за денеска се откажани сите дванаесет летови од Виена до градовите во поранешна Југославија.

Од друга страна, како што пишува порталот, во петок, од трите дневни летови од Виена до Белград, откажан е еден (OS735). Истиот ден, авиокомпанијата ќе ги реализира двата лета до Сараево. Еден од двата дневни лета во Загреб (OS681) е откажан. Нејзиниот единствен лет во Приштина во петокот (OS767) е откажан. Единствената услуга на превозникот до Скопје во петокот (OS777) е откажана. Австриската ротација Подгорица и Сплит во петок ќе се одвива според планираното, додека неговата услуга за Дубровник (OS731) е откажана.

Фото: Б. Грданоски

Вчера, аерoдрoмот во Виена преку службената интернет страница соопшти дека поради најавениот штрајк, прекини на летовите на „Аустријан ерлајнс“ ќе има од четврток, 28 март 2024, 00:00 часот до петок, 29 март 2024, 12:00 часот.

„Препорачуваме сите патници да го проверат статусот на нивниот лет со авиокомпанијата. Информациите за пристигнувања и поаѓања може да се најдат на следниот ЛИНК.

Извор: Независен

Габон стана најголем снабдувач на резервни делови за руските авиони

0

Една локална компанија за која нема податоци извезла резервни делови во Русија дури за 1,5 милијарди долари. Габон и Русија ги засилија врските по ланскиот државен удар во африканската земја

Во 2023 година, делови од авиони во вредност од речиси 2 милијарди долари беа увезени во Русија од странство, а повеќето од нив – за речиси 1,5 милијарди долари – наводно биле испратени од Габон од една локална компанија, според царинските податоци на Руската Федерација, кои ги прегледал „Москва тајмс“. Компанијата наведена во руските царински декларации веројатно воопшто не постои – нема податоци за неа во локалната база на податоци на правни лица во Габон. Во исто време, износот на увозот надминува половина од годишниот буџет на Габон. Руските компании за кои биле увезени резервни делови од Африка имаат знаци на прикриени компании.

Според руските царински декларации, најголемиот увозник на делови за авиони во 2023 година е компанијата Ter Assala Parts, регистрирана во Габон. Нејзиниот корисник е неименуван државјанин на Киргистан. Компанијата не е наведена наведена во трговскиот регистар на Габон. Местото на регистрација на компанијата во главниот град на Габон, Либревил, и се наоѓа во станбена зграда.

За да увезе стока во Русија, компанијата мора да достави пакет документи до Федералната царинска служба на Русија, вклучувајќи ги законските документи на компанијата увозник. Но, Федералната царинска служба не е обврзана да спроведе сеопфатна проверка на правно лице.

Бизнисмен запознаен со постапката за регистрација на увезена стока отфрла дека руската царинска служба може самостојно да фалсификува документи или да внесе непостоечка фирма во царинската декларација. Најверојатно, добавувачите купиле лажно правно лице регистрирано во трети земји, но кое работи преку Габон.

Ова е „сложена криминална шема“ во која може да бидат вклучени високи функционери на двете земји, вели докторот по економија Игор Липсиц.

„Ова е привремена компанија која е измислена во Габон за да врши царински трансакции, а потоа ќе исчезне. Мислам дека има некаква структура која е регистрирана на еден начин во документацијата, но поинаку се појавува во царинските декларации. Според тоа, некој, очигледно во администрацијата на Габон, го прикрива ова. (Руската) влада очигледно дава таканаречена карт бланш“, објаснува Липсиц.

Две други популарни дестинации за увоз на делови за авиони во 2023 година се Тајланд (над 200 милиони долари) и ОАЕ (над 160 милиони долари).

Според рсуката царина, компанијата од Габон увезувала резервни делови за авионите „Боинг“ и „Ербас“ во Руската Федерација: маски за кислород, подлошки, цевки, завртки, навртки, држачи, регулатори за гориво, компјутери и системи за предупредување за судир на земја и мерење на нивото на гориво.

Дополнително, од Габон беа увезени 15 користени мотори за „Боинг-737“ и „Ербас А320/А321“ во вредност од над 58 милиони долари. Моторите беа произведени од американски компании.

Првите авионски делови од Габон отидоа во Русија во август 2023 година. Три месеци претходно, Соединетите Држави ликвидираа голем канал за снабдување со резервни делови во Русија за заобиколување на санкциите – беа уапсени бизнисмените Олег Патсулија и Василиј Беседин. Шемата користела компанија регистрирана во Флорида,  како и компании посредници и сметки во странски банки во трети земји за да ги скрие вистинските идентитети на клиентите и изворот на плаќањата, напиша „Њујорк тајмс“. На американските добавувачи им биле доставени лажни информации за клиентите и за крајната дестинација на стоката.

Москва и Либревил почнаа активно да се зближуваат по воениот удар во Габон минатата година. Како резултат на тоа, Габон беше исклучен од Договорот за африкански раст и можности и го загуби извозот на нафта, земјоделски производи и дрва во САД.

Габон е една од 4-те земји кои гласаа против исфрлањето на Русија од Советот за човекови права на ОН. Либревил, исто така, беше обвинет дека ѝ помогнал на Русија да го заобиколи ембаргото за нафта: танкери со нафта на „Совкомфлот“ пловеа под знамето на Габон. (Москва тајмс)

Извор: Независен

Лукаревска: Не смееме да ги пропуштиме шансите и поддршката од меѓународната заедница, нашето место е во европското семејство

„Не смееме да дозволиме да ги пропуштиме шансите и да ја пропуштиме поддршката која што ни ја дава меѓународната заедница, затоа што навистина нашето место е во европското семејство“ рече заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска за ТВ Стар.

Таа додаде дека можеби навистина има пречки на патот и чувство дека имаме премногу задачи во споредба со други.

„Мсилам дека само заедно, сите 120 идни пратеници, треба да имаат една заеднчка цел, да ѝ дадат шанса на државата да продолжи напред по европски пат. Друга опција немаме“ рече Лукаревска.

Заменик-претседателката на СДСМ додаде дека другата опција е враќање назад, во некои мрачни времиња, што не смееме да го дозволиме.

Извор: ТВ Стар

Петров: Очекувањата на луѓето се да живеат во подобра земја, во амбиентот на ЕУ, патот до таму е веќе трасиран

„Не сметам дека е попустливост да ја внесете државата во ЕУ и да пишува македонски јазик, и да ви го прифатат сите македонскиот јазик, кое е обележје на нашиот идентитет, не е попустливост да направиме измена со која младите ќе ги спречиме да земаат бугарски пасоши и да бегаат од државата, многу попаметно е да седнеме и да се договориме, како заеднички ова да го поминеме. Постои можност и граѓаните ќе се изјаснат на избори, што сакаат и каде сакаат државата да оди. Треба да се соочиме со тоа дека очекувањата на луѓето се да живеат во подобра земја, во амбиентот на ЕУ, кој е веќе трасиран, иимаме конкретни патишта во одредени области и треба да ги направиме,“ рече Андреј Петров член на ИО на СДСМ, на Топ Тема на ТВ Телма.
Според Петров, попустливоста на политиката не се мери како ја перцепираат полтичките партии, се мери врз база на каков е исходот од таа политика и дали ќе донесе подобро утре за граѓаните или полошо. Ваквата политикакоја е проевропска , која е прозападна, која нема потреба да се наведне глава, затоа што таква потреба нема, а тоа го потврди и денес евроамбасадорот Гир кој изјава истакна дека -не сакаат во ЕУ,
„На граѓаните сме им должни, сите заедно да застанеме и да кажеме, дека таа фрустрација од ова што се случува , да кажеме дека треба да повлечеме една линија и да гледаме напред, времињата ќе бидат подобри ако бидеме дел од ЕУ,“ рече Петров.
Во врска со дел од идеите од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Петров рече дека некои од тие идеи треба да се размислат, да се скратат трошоци каде што може, како за намалување на надзорните и управните одбори, бидејќи ги трошат парите на граѓаните. Во делот на реформа во изборното законодавство, тој посочи дека потребен е подобар парламент, да има луѓе со критичко мислење, да се спротивстават и на сопствените политички партии, така е во Англија и Америка и така треба да биде и кај нас. Тој посочи дека вреди да се размисли и за отворени листи и реорганизација на управата, а тоа е врзано со 2/3 мнозинство и тоа е дел во нашата програма која во недела ке ја промовираме и во која се внесени сите заклучоци на оценската комисија.

Извор: Телма

(ВИДЕО) Дерала на Форумот на ИФЕС и ОБСЕ за граѓанските организации и изборите: Искреноста и транспарентноста се пресудни

„Искреноста и транспарентноста се пресудни“ – една од пораките што ги упати претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, како учесник на Форумот на ИФЕС и ОБСЕ за граѓанските организации и изборите, на кој учествуваа видни претставнички и претставници на релевантни организации и институции, вклучени во изборните процеси.

YouTube player

Мислам дека е многу важно да се следи ритамот на настаните, и во таа смисла, која може да биде релевантна оваа година на одредени избори. Таа веќе може да има големи недостатоци веќе наредната година ако имате изборен процес.

Особено во контекст на македонските случувања, како што знаете, имаме многу турбулентно, динамично општество и процеси, и тука мора цело време внимателно да се следат сите контексти. За тие потоа да можат да се вградат во една опсежна, сеопфатна методолошка материја, која ЦИВИЛ ја гради од 2008 година наваму.

Многу е важно да се биде конзистентен, доследен, искрен, порача Дерала меѓу другото на Форумот.

Извор: ЦивилМедиа

(ВИДЕО) Двајца руски менаџери на бар станаа првите лица обвинети во Русија според законот против ЛГБТК+

0

Бруталното кршење на човековите права во Русија се случува секојдневно, и речиси во сите сфери на руското општество. Неретко користејќи се со средновековни методи, властите во Кремљ се „пресметуваат“ со неистомислениците  и различните, мачат и стрелаат воени заробеници, вршат тортураврз осомничените, што е кривично дело и според меѓународното право, ги прогонуваат, малтретираат и дури присилно регрутираат работниците-мигранти,  осудуваат на долгогодуишни затворски казни припадниците на ЛГБТ заедницата, трујат и убиваат антивоени и активисти за човекови права, и се тоа снимено и дистрибуирано по социјалните мрежи, со цел да да го прикаже, пред Русите и пред светот, Владимир Путин, кој на нерегуларни избори по петти пат го доби претседателскиот мандат, како голем водач кој ќе ги одбрани рускиот народ и  традиционалните православни семејни вредности од налетот на омразениот Запад.

Така, минатата недела , руските власти уапсија вработени во геј клуб како дел од првото обвинение за кривично дело „екстремизам“ во земјата против членовите на ЛГБТК+ заедницата, според соопштението на судот во градот Оренбург.

Конзервативната активистка Екатерина Мизулина, поврзана со Кремљ, претходно минатата недела објави кривична пријава во врска со активностите на ЛГБТК+ клубот Посе. пренесува независниот руски медиум Moscow Times.

Националистичките, провоени активисти претходно во март рекоа дека им помогнале на агенциите за спроведување на законот да извршат рација во Поз поради сомневање за ширење „ЛГБТ пропаганда“.

Централниот окружен суд во Оренбург минатата средата одлучи да ги стави уметничкиот директор на клубот и менаџерот на барот во истражен затвор.

Двете лица се соочуваат со казна затвор до 10 години доколку бидат прогласени за виновни за „организирање екстремистички активности“.

Во соопштението на веб-страницата на судот се опишуваат и двајцата како „лица со нетрадиционални сексуални ориентации“ кои „ги поддржуваат ставовите и активностите на меѓународното јавно здружение ЛГБТ забрането во нашата земја“.

Уметничкиот директор беше обвинет дека избирал геј артисти за изведби, а менаџерот на барот за снимање на овие претстави.

Независната веб-страница за вести Медиазона ја идентификуваше менаџерката како Дијана Камилјанова, а уметничкиот директор како Александар Климов.

Неколку Руси се соочија со прекршочни обвиненија за „екстремизам“ во месеците откако рускиот Врховен суд го забрани „меѓународното ЛГБТ движење“ во ноември 2023 година.

Амнести интернешнал во вторникот ја критикуваше кривичната истрага против персоналот на Посе.

„Она што ЛГБТИ лицата и активистите за човекови права се плашеа од крајот на минатата година, конечно се оствари“, рече во изјавата директорката на Амнести интернешенел за Русија, Наталија Звијагина.

Звијагина рече дека е „особено за осуда што на членовите на руската националистичка група им било дозволено да и помагаат на полицијата во нивната рација на драг шоуто во клубот Поз“.

Спроведувањето на законот изврши рација во барот во март, а видео снимките од понижувачките притворања на некои од посетителите на локалот кружеа на интернет.

Русија јавно објави само нејасен опис на она што го нарекува „меѓународно ЛГБТ движење“, отворајќи го патот за гонење на секој што ги штити правата на ЛГБТК+ или едноставно се идентификува со заедницата.

Како што пренесува Гардијан, директорката на Лигата на безбеден интернет, Екатерина Мизулина, фигура на ултра-традиционалната фракција која се залага за репресивни закони, ја поздрави кривичната постапка.

„Ова е прв кривичен случај во Русија по одлуката на Врховниот суд да ја признае ЛГБТ како екстремистичко движење“, рече Мизулина.

Таа додаде дека „локалните активисти“ ѝ кажале на полицијата за клубот.

„Она што ЛГБТК лицата и активистите за човекови права се плашеа од крајот на минатата година конечно се оствари“, изјавија од Амнести интернешенел

Во 2013 година, руските пратеници им забранија на луѓето да промовираат „нетрадиционални“ односи со децата и оттогаш се зголеми притисокот врз либералните делови на општеството. Кремљ дополнително ја засили конзервативната реторика откако ја започна својата воена агресија врз Украина, опишувајќи го конфликтот како битка против западот и неговите либерални вредности.

Во декември 2022 година, Владимир Путин го прошири законот од 2013 година за да го криминализира секое позитивно јавно спомнување на ЛГБТК+ лица или врски.

Во јули минатата година пратениците тогаш забранија медицинска интервенција и административни процедури кои им дозволуваа на луѓето да го променат полот.

Во ноември, Врховниот суд ја донесе забраната за „ЛГБТ движење“, според која досега имаше неколку управни постапки кои резултираа со парични казни и кратки притвори.

„Меѓународната заедница мора да ги повика руските власти да ја преиспитаат хомофобичната пресуда на Врховниот суд и веднаш да го прекинат прогонот на ЛГБТИ лицата“, повика Амнести интернешенел.

Извор: ЦивилМедиа

Можат ли платите да растат со владини мерки?

0

ВОЈО МАНЕВСКИ

Во вревата што нѐ поклопува и е полна со „големи теми“, најважните прашања засега остануваат надвор од фокусот. Веројатно и тоа е некоја ПР пoлитика, бидејќи одговорот на тие прашања е тежок и со колку-толку обврзувачки последици. Прво и основно прашање е дали ќе живееме подобро? Подобро ќе живеат оние што ќе ја добијат власта, тоа е сигурно за оние кои ќе ги зграпчат позициите, но како граѓаните ќе живеат е прашањето? Досега опозицијата не дозволуваше реализација на ниту една реформа и поголема инвестиција, прикажувајќи ја власта како неспособна и најчесто корумпирана. Ваквата слика за сеопштото црнило има секогаш јасна намера. Да се има што пониска основа ако се добие власт, а секое мало подобрување да се прикаже како голем напредок или да се има оправдување за неостварувањето на политиките кои се прокламираат во кампањата. Нели, секогаш претходните се виновни.

Постојат и последици за кои не се води сметка затоа што економијата има и еден психолошки дел каде таканаречената општа депресија ги забавува и инвестициските процеси, а најмногу влијае на општата продуктивност во државата. Доказ за тоа можете да најдете ако излезете до маркет или пазар. Сите се жалат на скапотијата и општиот впечаток за состојбата е бесперспективност. Како очекуваме да имаме успешна држава ако меѓу граѓаните има раширено мислење дека ОВАА ДРЖАВА НЕ ЈА БИВА? Со самата промена на власта не се решаваат проблемите, туку со издржани мерки и сериозни промени. Ако опозицијата бара од Европа потврда дека нема да има нови идентитетски препреки за нас, имаме ли право да побараме како граѓани одговор на прашањето од опозицијата? Кои се политиките кои ќе ни го подобрат животот и кои се тие кадри што тоа ќе го направат?

Пред некој ден имаше дебата со претставници на работодавачите на тема зголемување на платите со административни мерки. Се работи за минималната плата која се исплаќа и просечната плата која треба да е резултат на градацијата во платите. Овде имаме непринципиелност уште од почеток. Има разлика меѓу економијата во производството и трговијата или услужниот сектор. Тие што произведуваат имаат секогаш едно правило – рентабилно производство и профит за сопственикот на капацитетот. За да имаат поголем профит мораат да ја зголемат продуктивноста или да ги намалат трошоците, најчесто и двете. Досега намалувањата на трошоците ги правеа со ниски плати, од едноставна причина што имаше голем број на невработени и конкуренцијата им даваше комоција. Ама тоа се смени поради големото иселување на работоспособното население.

На компаниите не им е секогаш проблем наоѓањето на финансиски средства за да ја подигнат технолошката ефикасност. На еден или друг начин, можат да дојдат до нови технологии. Но, за пософистицирана технологија е потребна пообучена работна сила која бара поголеми плати. Таква нема доволно на располагање – и поради иселувањето, а и поради несоодветноста на образовниот систем кој обучува кадри кои не се со знаења потребни на производните компании. Значи, им требаат уште повеќе средства за да ги покачат платите како би ги задржале обучените работници и привлечат нови. Каде би ги зеле тие средства? Да го намалат својот профит и инвестициите во технолошкиот процес или да бараат државата да ги намали своите зафати во финансиите на компаниите? Засега тие нотираат дел од втората опција и тоа кај царините и парафискалните давачки на кои се изложени. Сериозната расправа за нов даночен систем засега изостанува или е покриена со други теми.

За да се покачат платите во реалниот сектор, сериозно мора да се направи реформа во државниот апарат кој ќе чини помалку и ќе биде поефикасен. Така ќе се намалат буџетските трошоци со што би се компензирало намаленото зафаќање од бизнисите. Е овде се закочуваат сите добри намери, бидејќи политичкиот систем живее врз клиентилистички вредности, а за тоа се потребни пари во буџетот. Ако нема од даноците – се задолжува државата. И такa, дојдовме до задолженост од над 61%. Секое понатамошно задолжување ќе биде сѐ поскапо, а тоа ќе ја доведе државата до работ на ликвидност. Ете, затоа граѓаните велат дека не ја бива државата. Не сограѓани! Државата како организам ја бива, не го бива нашето општествто како заедница. Последиците од предимензионираниот буџет и државниот апарат како најголем работодавач и корисник на буџетот ги намалува шансите за поголеми плати и стопирање на негативните трендови во економијата и општеството. Реформата во политичкиот систем е не само нужна, туку веќе и задоцнета. Затоа, објективно на сегашната Влада треба да ѝ се припише како успех покачувањето на платите. Платите во реалната економија велам, не платите на администрацијата. Таму растот на платите е резултат на повеќе политички и буџетски мерки, а треба да е последица на растот на производството и зголемениот вкупен БДП.

Што се однесува до секторот услуги и трговија овде државата има недоволна функција. Во систем на картелска солидарност и префрлање на ризиците од погрешни одлуки врз џебот на граѓаните, државата мора да ја одигра својата улога на заштитник на стандардот на граѓаните. Маржите кои се големи директно влијаат врз тој стандард. Улогата на државата во поставување во рамноправни услови на пазарот не е еднократна постапка, туку бара и надзорна нејзина функција. Најеклатантен пример за положбата на големите трговци е одложеното плаќање на производителите. Тие стоката ја плаќаат на 30, 60, па дури и 90 дена. Често знаат и тој рок да го продолжат па производителите се приморани на кредити за одржување на производството. Во следната цена мора и тоа да се пресмета, па цената на нивниот производ пораснува. Со мерки на државата тој процес мора да се забрза и ризикот од поголеми цени треба да го има и големиот трговец. Како во некои економии каде рокот за одложено плаќање е лимитиран, а секое задоцнување на плаќањето се обременува со камата според законот, плус таа камата не се признава како трошок. Така ќе се избегнат и скапите извршителски услуги. Ако тој процес се отчепи и производителот ќе може да продава по помали цени ако обртот на капитал му се забрзува. Секако, бенефит ќе имаат и крајните купувачи, а не само трговците. Инспекторскиот систем овде мора да биде на висина на задачата. Комотната положба на големите трговци мора да биде строго регулирана и контролирана. Ако не е таков тогаш корупцијата расте прогресивно и цената ја плаќаат граѓаните. Ова е само идеја, а секоја идна Влада мора да најде начин на побрзо движење на парите во системот, бидејќи тоа е еден од најдобрите начини да се намали внатрешното задолжување.

Ова е едно од централните прашања кон опозицијата во оваа кампања. Кои мерки ги предлагате за зајакнување на инспекторскиот сектор? Ако повторно го ставите под партиска рака само ќе се сменат профитерите и состојбата ќе остане иста. Резулат ќе бидат високите цени и намалување на стандардот на граѓаните. Мерките кои ги објаснува потпретседателот на Владата, Битиќи, мора да се разгледат сериозно. Ова е прв пат некој да се зафати со едно од жариштата на шпекулативната трговија и неконтролираниот раст на цените. Понудата и побарувачката се механизми за пазар кој е оформен, а се алатки за богатење во пазари со слаба правна сигурност и нефункционален државен апарат.

Треба ли државата да се меша во одредувањето на платите? Да, треба, но не како поединечна мерка, туку како сет на мерки кои ќе ослободат средства за покачување на платите. При тоа мора да ги подигне капацитетите на администрацијата за да ја зголеми својата ефикасност, но истовремено се откаже од преголемото свое трошење за истата таа администрацијата (е, тоа ќе биде вистинската уметност). Секако и да ја намали корупцијата, бидејќи таа во крајна линија е трошок за државата, само што од тоа корист имаат некои поединци. Партиските кадри ќе ги има, но ајде нека од своите редови ги бираат најдобрите, а не најклиентите и нека се договорат до кое ниво. Ако тоа е до ниво на возач и хигиеничар, тогаш сѐ ќе остане по старо.

Во претседателската кампања се наслушавме на споменување на имиња на познати професори и мислители, наши и светски. Некој веројатно мисли дека со тоа се подига авторитетот и компетентноста на кандидатката/кандидатот. Но јас моето мислење за ова веќе го кажав, минатиот пат напишав дека ни требаат политичари, а не само професори со научни титули и трудови.

За да не бидам надвор од трендот ќе ви цитриам дел од ставовите еден мој пријател кој е и професор и долги години политичар во соседна Србија. На прашањето – што се треба да разбере мнозинството граѓани во Србија за да се живее подобро – тој одговара:

Кога мнозинството во оваа земја ќе разбере дека:

  • Демократијата не е тиранија на мнозинството.
  • Тоа што државата не е окупирана не значи дека е слободна.
  • Интелектуалец е оној што постојано учи, а не оној што вели дека сѐ знае. Тој најчесто малку знае и уште помалку разбира од она што тврди дека го знае.
  • Граѓаните се работодавачи, а политичарите слуги.
  • Примитивизмот не е одраз на непосредноста, а пристојноста глумење.
  • Традицијата треба да се почитува, ама не и да се следи слепо. Инаку уште ќе живеевме во пештери.
  • Сиромавиот и чесниот не се синоними.
  • Неписмениот и нерасипаниот исто не се синоними.
  • Треба да разбереме дека не нѐ мразат сите, туку најголем дел од светот не знае дека постоиме.
  • Случајно сме родени како Срби и тоа не е титула.
  • Држава во која секои десеттина години се избере некој авторитарен лудак нема никогаш да стане дел од цивилизирана Европа и светот.

Ако ова го разбере мнозинството на граѓани тогаш можеби ќе има надеж дека младите луѓе ќе сакаат да живеат во оваа земја, наместо да бидат препуштени на разни манипуланти од секаков вид, чија алчност и безобразлук ја буткаат вистината и пристојноста под тепих каде се става општествениот измет.

Ова се ставови на проф. Бојан Пајтиќ, редовен проф на Универзитетот во Нови Сад и еден од најугледните експерти за облигациско право. Како политичар беше на чело на Покраината Војводина четири мандати, а се повлече како претседател на Демократска странка  која беше на власт една деценија во Србија.  Тој зборува за негова Србија, а јас сметам дека замената на имињата на државата и народот со нашиве не ја менува суштината – истите ставови важат и за нас, зарем не?

Извор: ЦивилМедиа

ОН: Најмалку 32 украински заробеници егзекутирани во руско заробеништво во текот на зимата

0

Најмалку 32 украински воени затвореници (заробеници), неодамна заробени од Русија, се егзекутирани помеѓу 1 декември 2023 година и 29 февруари, се вели во извештајот на Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ОХХР) од 26 март.

Извештаите за мачење или убивање на украински заробеници додека биле во руско заробеништво се појавуваат уште од почетокот на руската војна против Украина. Од крајот на февруари, Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека се водат 19 кривични истраги во врска со егзекуцијата на 45 украински заробеници, пренесува Кијив индипендент.

ОХХР соопшти дека регистрирала 12 случаи на егзекуции на најмалку 32 заробени украински заробеници во текот на зимата, што значи дека некои од нив веројатно биле убиени во групи.

„ОХХР верификуваше три од овие инциденти во кои руски војници егзекутираа седум украински воени лица без борба“, се вели во извештајот, кој се заснова на интервјуа со 60 украински војници ослободени од заробеништво.

Нивните извештаи ги потврдија претходно документираните факти за широко распространето мачење, нечовечко или понижувачко постапување и казнување на украинските заробеници во руско заробеништво, како и условите за притвор што не се во согласност со меѓународното право, соопшти ОХЦХР.

Истрагата на Кијив Индипендент од декември минатата година ги откри нехуманите услови на притвор, глад и тортура особено во еден руски логор: затворот Оленивка, лоциран во Доњецката област окупирана од Русија.

YouTube player

Извештаи и видеа од егзекуции на украински воени заробеници се појавуваа и предходно, од самиот почеток на целосната руска агресија врз Украина. Како што предходно објави ЦИВИЛ Медиа, во март 2023 година, на социјалните мрежи се појави потресна видео снимка од брутална и ладнокрвна егзекуција на невооружен украински војник што веројатно ја спроведуваат припадници на руските окупаторски сили.

Извор: ЦивилМедиа