дома блог страница 417

Ковачевски утре во прва посета на Бугарија по усвојувањето на Протоколот за соработка

Сериозно се подготвуваме за утрешната посета на премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на Бугарија, коментира бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков во интервју за неделната програма „Недела 150“ на БНР.

Според Милков, како што јави дописникот на МИА од Софија, а пренесува Цивилмедиа, односите меѓу Бугарија и Северна Македонија имаат многу димензии, тие се повеќеслојни и не можат да се мерат со прашањата за снабдување со електрична енергија од Бугарија во Република Северна Македонија.

Тој, исто така, додаде дека очекува да се разговара за широк спектар на прашања и да се направат видливи чекори за решавање на сите прашања.

Прес-центарот на бугарската Влада веќе објави официјална информација за посетата на премиерот на Република Северна Македонија на Софија.

Извор: Цивилмедиа

Извештај на британските разузнавачи: Руската армија „страда од морални и дисциплински проблеми“ во Украина

0

Според Министерството за одбрана на Обединетото Кралство, руските сили во Украина, покрај борбениот замор и големите жртви, страдаат од „морални и дисциплински прашања“.

Главната поплака на руските војници и понатаму е околу платите, вклучително и големата шанса да не бидат исплаќатени ветените „големи борбени бонуси“, се вели во најновиот извештај на британското разузнавање, што Министерството за одбрана на Обединетото Кралство го објави на Твитер.

Извештајот наведува дека се забележани и појави на корупција меѓу командантите, како и „неефикасна воена бирократија“.

 

КАРИЛ го демантира ВМРО-ДПМНЕ: Невремето не ја поплави клиниката

Поплавите по невремето во Скопје на 30 август не ја поплавија Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), туку предизвикаа дефект во дел од инсталациите, соопштија од Универзитетската клиника.

Тие ги демантираат објавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за состојбата на оваа Јавна здравствена установа. Додаваат дека не е точно оти пациентите кои се згрижени на КАРИЛ се препраќани во други болници, туку испратено е соопштение додека не се санира дефектот новите пациенти да бидат згрижени во клинички болници кои се опремени за давање интензивна нега.

„Поплавите кои се случија пред неколку дена не ја поплавија КАРИЛ туку предзивикаа дефект во дел од инсталациите и заради безбедност на пациентите, неколку кревети се исклучени од употреба“, соопштија од клиниката. Тие појаснуваат дека еден кревет на КАРИЛ е поврзан со инсталации (кислород и други гасови како и електрично напојување за респиратор, монитори, аспиратори, перфузори..).

„Секоја од овие инстаналции е клучна за функционирање и лекување и токму затоа и при најмал дефект се први комплетна санација“, велат од КАРИЛ.

Повторуваат дека поплава на клиниката немало, туку само делумен дефект во делот на инсталациите поради што превентивно е намален бројот на кревети, а дефектот се санира.

„Пациентите кои беа на КАРИЛ не се препраќани во други болници, туку се згрижени во склоп на капацитетите на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ. Испратено е соопштение и до други болници во наредниот период додека не се санира дефектот и не се овозможи непречено функционирање на сите кревети на КАРИЛ, нови пациентите да се праќаат во клничките болници ГОБ 8 Септември, Штип, Тетово и Битола кои се клинички болници и поседуват одделенија за интензивна нега оперемени со истата апартаура како КАРИЛ, со вработени анестезиолози со ист степен на образование и искуство како и лекарите од КАРИЛ. Овие болници и во секојдневната пракса примаат и лекуваат болни кои бараат интензивна нега. Значи дека во ниту еден случај не е загрозен било чиј живот“, посочуваат оттаму.

Велат дека на КАРИЛ како и на сите останати клиники на ТОАРИЛУЦ редовно се земаат микробиолошки брисеви од страна на ИЈЗ. Тоа е нешто што е дел од секојдневната работа и нешто што како протокол секогаш се прави.

Извор: МЕТА

Анализа на ИЕП: Северна Македонија меѓу руските влијанија и политиките за проширување на ЕУ

Дваесет години европска интеграција не ја донесоа ниту ветената конвергенција меѓу земјите од регионот и земјите-членки, ниту членството во ЕУ на земјите од регионот. Наместо тоа, патот за пристапување кон ЕУ станува сè понапорен за земјите со тие аспирации на Балканот, а дестинацијата – т.е. влезот во ЕУ – сè понедопирлива, вклучително и за земјите-кандидати што се сметаат за фаворити. Покрај тоа, истите трнливи прашања за државноста и демократското владеење во регионот и хаотичната посветеност на проширувањето во главните градови на ЕУ продолжуваат да го предизвикуваат кредибилитетот и трансформативната моќ на политиката, се заклучоците во краткиот документ за политики на Институтот за европска политика (ИЕП) насловен „Политика за проширување на ЕУ: Дали претстојат есенски ветришта на промени?“.

Документот наведува дека досега, има малку индикации дека земјите-членки на ЕУ ќе потклекнат – сите тие мораат да го сторат тоа со оглед на тоа што сè уште е потребна едногласност за какви било чекори напред вопроцесот на проширувањето. А сепак, можеби – само можеби – ветровите на промени ќе почнатда дуваат оваа есен со второто обраќање на Комисијата за состојбата на Унијата во септември иСамитот во Прага во октомври.

Македонските пратеници, констатира анализата на ИЕП, ги одобрија условите во договорот постигнат со посредство на Франција, без поддршка од опозицијата. Одобрувањето на Парламентот, исто така, се случи наспроти насилните протести и многубројните критики дека вклучувањето на билатерални прашања во пристапните преговори поставува опасен преседан. Тоа генерално неприфаќање води кон „тажна прослава“ и сугерира дека договорот можеби нема да се покаже како трајно решение. Прво, тоа не ја спречува Бугарија повторно да го блокира процесот во иднина. Но, дури и без ново бугарско вето, Северна Македонија прво ќе мора да го измени својот Устав пред вистинското отворање на првите преговарачки поглавја.

За таа цел, се вели во документот „Политика за проширување на ЕУ: Дали претстојат есенски ветришта на промени?“, нејасно е како парламентот ќе успее да го собере потребното двотретинско мнозинство или дали потенцијалниот референдум ќе помогне да се премостат поделбите околу ова прашање во земјата.

Во анализата се акцентираат и анти-ЕУ, екстремно десничарските и проруските елементи во Северна Македонија кои, заклучува авторот, „се засилени поради оваа ситуација и може да се забележи пораст на изборната поддршка на следните избори. Ако намерата на Путин беше ‘да раздели и да владее’ за да ја сопне ЕУ на Балканот, неодамнешните случувања се чини дека се одвиваат во корист на Русија“.

Анализата се осврнува и на внатрешните реформи на ЕУ со укажување дека на јунскиот Совет, лидерите на ЕУ направија само површен осврт на Конференцијата за иднината на Европа, која заврши во мај и произведе значителен пакет предлози за реформи во широк опсег на политички области. Меѓу нив, конкретен повик усвоен во Европскиот граѓански панел за надворешна политика за „силна визија и заедничка стратегија за консолидирање на единството и капацитетот за донесување одлуки на ЕУ со цел да се подготви Унијата за понатамошно проширување“ (препорака бр. 21), но и експлицитна препорака (#21) во финалниот извештај на Конференцијата за воведување на гласање со квалификувано мнозинство во надворешната политика. Отстранувањето на барањето за едногласност во досието за проширување, каде што земјите-членки го злоупотребија своето право на вето во повеќе од една пригода, звучи како разумен чекор напред. Но, сè уште не е јасно зошто земјите-членки би се согласиле да се откажат од ова право и потребна е едногласност за да се случи таква промена.

Со учество на осумдесеттина македонисти од земјата и странство започнува Меѓународниот семинар за македонски јазик

Осумдесетина македонисти, слависти и балканисти од над 20 институции од земјата и од странство ќе учествуваат на 49. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), информираат од МСМЈЛК.

Конференцијата ќе се одржува утре и задутре во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Носечките теми на Конференцијата се творештвото на Васил Иљоски и творештвото на Горан Стефановски, по повод јубилеите – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски, како и „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески, по повод 70 години од нејзиното објавување.

Од МСМЈЛК известуваат дека годинешното издание на традиционалната конференција е прв голем научен собир на којшто годинава акцент се става на творештвото на Иљоски и Стефановски, како и на граматиката од Конески, по повод значајните јубилеи.

„Поаѓајќи од речиси полувековната традиција на оваа конференција, во рамките на нашата мисија како Семинар, ние имаме и обврска да поттикнуваме на истражувања и научни потфати на македонските и странските истражувачи, коишто ќе фрлат нова светлина врз клучните остварувања за македонскиот јазик, литература и култура, притоа отворајќи нови теми и презентирајќи нови научни согледби и заклучоци“,  истакнува директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Овие јубилеи, беа во фокусот и на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ којашто заврши вчера, но како што вели Мојсова-Чепишевска, преку Меѓународната научна конференција, МСМЈЛК при УКИМ ќе оствари влог и во испишувањето на новите страници на македонската книжевна историја.

Инаку, на Конференцијата ќе бидат опфатени и темите „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, коишто како што нагласува Мојсова-Чепишевска, овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет.

Свеченото отворање на Конференцијата ќе се одржи утре, при што ќе биде промовиран и зборникот од минатогодишното издание на Конференција што се смета за еден од најобемните посветени на Конески што се објавени изминатиот период. 

На свеченото отворање ќе биде промовирана и книгата „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории“ од академик Ала Шешкен, којашто важи за еден од најдобрите странски познавачи на современата македонска книжевност. 

По отворањето, на Конференцијата, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура. 

Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации за делото на културните дејци коишто се во фокусот на ова конференциско издание.

Извор: МЕТА

Руските граѓани се простуваат од Горбачов, Путин бил презафатен за да присуствува на погребот

0

Стотици ожалостени граѓани од рано претпладне денеска простија од Михаил Горбачов, последниот лидер на Советскиот Сојуз кој стави крај на студената војна, јавуваат светските медиуми.

Прошталната церемонија се одржува во Салата на столбовите во Домот на синдикатите во Москва по што посмртните останки на Горбачов ќе бидат погребани со приватна церемонија на гробиштата Новодевичи во главниот град на Руската Федерација.

Од Кремљ соопштија дека заради работните обврски рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на погребот на Горбачов, кои се спроведуваат со минимални државни почести.

Иако Горбачов за својот придонес за крајот на Студената војна доби Нобелова награда за мир во 1990, многумина Руси го обвинуваат за реформите кои доведоа до економски хаос и до распадот на Советскиот Сојуз.

Во 2005, Путин изјави дека распадот на СССР била најголемата геополитичка катастрофа на 20. век и не беше во добри односи со Горбачов со кого последен пат се сретнал во 2006.

Медиумите што известуваат од овој настан го нагласуваат силното присуството на безбедносните со вооружени полицајци и оклопни возила.

 

Мнозинството возила возат на нафта, државата нема субвенции за уреди на плин, општините спијат

Министерството за економија годинава нема да додели субвенции за вградување на плински уреди во возилата, бидејќи со антикризните мерки Владата одлучи да ги пренамени средствата предвидени за оваа намена. Општините исто така не доделуваат средства на граѓаните за промена на погонското гориво на кое се движат старите возила, а статистичките податоци покажуваат дека расте бројот на возила кои се движат на нафта и дизел во Македонија, се вели во анализата на МЕТА.

Од Министерството за економија за Мета.мк накратко одговораат дека годинава нема да има јавен повик за доделување на субвенции за вградување на плински уреди во возилата. Ова министерство во Буџетот за 2023 година планира субвенции во висина од 11 милиони денари за оваа намена, но изработката на новиот буџет допрва кон крајот на годинава треба да помине низ владин и собраниски филтер. Причина за немањето субвенции годинава се скратените средства на Министерството за економија поради усвоените антикризни мерки во земјава.

Од ова министерство информираат дека на јавните повици објавени во 2019 и 2021 година преку Програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво биле исплатени субвенции во висина над 23,2 милиони денари на вкупно 1.435 баратели на субвенции. Условот бил возилото да биде произведено по 2005 година, но од Министерството за економија немаат податоци за тоа колкава била старосната граница на возилата кои добиле субвенции за вградување на плински уред.

Интересен е податокот дека интересот на граѓаните за да инсталиран плински уред во возилата не е голем, па така и двете години не биле искористени во целост предвидените средства за субвенции. Во 2019 година 767 барања биле поднесени за субвенции, а неискористени останале 621.345 денари. 36 баратели таа година биле одбиени. И во 2021 година, неофицијалните податоци од Министерството за економија велат дека како неискористени средства на јавниот повик останале 94.748 денари, при што само 704 лица поднеле барање за субвенција, додека 34 баратели биле одбиени.

Инаку, граѓаните кои вградуваа плински уреди во своите возила преку субвенциите на Министерството за економија можеа да остварат право на поврат од 50 отсто од инвестираните средства, но не повеќе од 18.000 денари, односно 300 евра.

Над половина од возилата во земјава возат на нафта и дизел

Нискиот интерес на граѓаните за да ги искористат субвенциите за вградување плински уреди е присутен во земјава, која што нема ограничување за тоа какви возила може да се движат по градовите, ниту пак се спроведе мерката за воведување на еколошки налепници во периодите на високо загадување на воздухот.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека над половина од регистрираните моторни возила во земјава (автомобили, камиони, автобуси, влечни возила, мотоцикли, трактори и друго) користат нафта или дизел како погонско гориво. Од вкупно 549.653 возила што се регистрирани во Македонија на 31 декември 2021 година, дури 320.524 се движат на нафта. Бензинци лани во земјава имало 216.142 возила.

Мешавината на бензин и гас, односно употребата на плински уреди, е констатирана кај само 12.320 возила што сообраќаат по патиштата. На електрична струја се придвижувале само 243 возила, додека мешавина од горива користеле 420 возила со македонски регистарски таблички. Во земјава имало 4 возила кои се движат на алкохол. Ова практично значи дека бројот на возила кои користеле еколошко погонско гориво е минимален, и покрај тоа што низ годините бројката на регистрирани возила во земјава во континуитет расте.

Општините можат, но не даваат субвенции за поеколошки превоз

И покрај тоа што се соочуваат со високо концентрации на штетни гасови во воздухот, македонските локални самоуправи засега немаат пракса да одвојат дел од општинските средства за доделување на средства, со кои би се стимулирале граѓаните во своите стари возила да вградат плински уреди и да користат алтернативни поеколошки горива.

Скопската општина Гази Баба, како своевиден исклучок во земјава, кон крајот на август објави јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред во возилата за погон на течен нафтен гас (ТНГ), метан или друг вид на гориво. Локалната власт на жителите на оваа општина ќе им овозможи субвенции не поголеми од 18.000 денари по возила, односно со повикот би им надоместила до 50 отсто од вкупните трошоци. Јавниот повик ќе трае до крајот на годинава, а од општинскиот буџет за оваа намена се издвоени 1 милион денари.

Сепак, за разлика од оваа скопска општина, субвенции за вградување на плински уреди засега нема на ниво на Град Скопје, ниту пак досега бил објавен сличен јавен повик од страна на некоја од другите општини во главниот град или надвор од него.

Од Министерството за економија за Мета.мк велат дека нема никаква пречка за локалните власти да доделуваат субвенции за вградување на плински уреди или да спроведат слична мерка.

„Доколку имаат буџетски средства во Општините и за таа програмска цел се одобрени средства нема никаква пречка. Постапката на вградување на плински уред и каде треба да се вградат, кои правни лица се лиценцирани за вградување на уредот и за одобрување на плинскиот уред по вградувањето во возилото, се следат прописите на Законот за возила“, информираат од Министерството за економија.

Инаку, вградувањето на плински уреди во возилата има своја предност во намалувањето на аерозагадувањето, односно давање на личен придонес од возачите во заштита на животната средина. Секако, она што е најважно за граѓаните е дека плинот е најевтин и во ерата на поскапувања на горивата. Постојната цена на плинот во земјава е околу 53 денари, наспроти цената на бензинот која во моментов изнесува околу 90 денари за литар.

Мета.мк веќе подолг период наназад пишува за константниот пораст на бројот на регистрирани возила во земјава, којшто само лани се зголемил за дополнителни 59.000 возила. Паралелно на ова, постојано се одолговлекува воведувањето на регулативата со која ќе се забрани увозот на возила во Македонија со под ЕУРО 5 стандард на емисии на гасови.

За разлика од европските градови, каде што веќе редовна пракса станува да се забранува движењето на постари возила барем во центарот на градовите, ваква пракса досега не е применета во ниту еден македонски град. Весникот Гардијан пишува дека зоните со ниски емисии на гасови веќе се воведени во 320 европски градови, а ваквата бројка е предвидено да порасне до 2025 година на вкупно 507 градови. Со оваа мерка веќе се опфатени европските престолнини Париз, Берлин, Брисел, како и поголемите градови во Велика Британија: Лондон, Бристол и Бирмингем.

Извор: МЕТА

Русија реши да не го отвори гасоводот кон Германија денеска иако така беше најавено

0

Рускиот гасовод кон Германија нема повторно да се отвори во сабота како што беше планирано, соопшти државната енергетска компанија „Газпром“, пишува Би-би-си, пренесува МЕТА.

Од фирмата информираат дека откриле истекување на нафта во турбината на  гасоводот Северен тек 1, што како што објаснуваат, значи дека истиот ќе биде затворен на неодредено време.

Гасоводот беше затворен последните три дена поради одржување и поправки.

Во моментов Европа се соочува со големи стравови дека семејствата нема да можат да си ги дозволат цените на греењето во зима. Вестите за прекин на испорачувањето на нафта дополнително го зголемуваат стравот. Цените на енергенсите се зголемија откако Русија ја нападна Украина, а скудното снабдување може уште повеќе да ги зголеми трошоците.

Европа се обидува што повеќе да се одвикне од користењето на рускиот гас со цел да го намали влијанието на Москва и да одмогне во процесот за финансирање на војната, но веројатно е дека таа транзиција нема да се случи наскоро.

Претседателот на Советот на Европската Унија, Шарл Мишел на неговиот профил на Твитер напиша дека најновиот руски потег „за жал не е изненадување“.

„Употребата на гас како оружје нема да ја промени решителноста на ЕУ. Ќе го забрзаме нашиот пат кон енергетска независност. Наша должност е да ги заштитиме нашите граѓани и да ја поддржиме слободата на Украина“, напиша Мишел на Твитер.

Москва негира дека енергетските залихи ги користи како економско оружје во однос на западните санкции што беа воведени по руската инвазија на Украина. Русија ги обвини санкциите за задржување на рутинското одржување на гасоводот Северен тек 1, но ЕУ смета дека тоа е само изговор.

Најавата на компанијата Газпром пристигна кратко по одлуката на Германија, Франција, Италија, САД, Канада, Јапонија и Обединетото Кралство да ја огрнаичат цената на руската нафта во знак на поддршка на Украина.

Извор: МЕТА

Платформа за родова еднаквост: Институциите навремено да реагираат и соодветно да ги казнат насилниците

Платформата за родова еднаквост со поддршка на активистите и протестите кои беа организирани и во Скопје во знак на солидарност за случајот со силуваното 11-годишно девојче во Приштина, објави МЕТА.

Во реакцијата доставена од организациите-членки на Платформата за родова еднаквост стои дека силувањата, фемицидите и сексуалното вознемирување врз жените и девојките/девојчињата станаа секојдневие насекаде во регионот, каде патријархалните вредности го нормализираат, замолчуваат и охрабруваат самото насилство.

„Ги повикуваме надлежните институции:

1. Навремено да преземаат мерки со кои ќе го превенираат и спречат насилството.
2. Обезбедат ефикасна заштита на жртвите на родово базирано насилство.
3. Воспостават функционални и достапни сервиси, особено шелтер центри, за заштита на жртвите на РБН и семејно насилство, и кои ќе работат според унифицирани стандарди на територија на целата држава.
4. Соодветно да ги санкционираат насилниците“, пишува во реакцијата.

Од Платформата посочуваат дека, EULEX за две години имало 228 пријави за силувања во Косово, но 90% од силувањата остануваат непријавени, што значи дека вистинската бројка е многу поголема. Согласно податоците, во реакцијата е наведено дека во Косово, силувањето се казнува од две до десет години, додека во случаите со малолетници, казната е од пет до 20 години. Според Мрежата на жените на Косово, над 70% од случаите на сексуални напади и силувања во земјата се врз малолетни девојчиња.

„Во знак на солидарност за трагичниот случај на грозоморното силување на малолетно девојче од страна на 5 мажи во Приштина, во Скопје протестот имаше за цел да повика за поголема заштита на девојките и жените од насилство во Македонија и низ целиот регион. Демонстрантите бараа превенирање и заштита на жените и девојчињата од насилство, како и поголема одговорност од страна на институциите и соодветно казнување на насилниците. За жал, непосредно пред протестот, физички беа нападнати еден активист и една активистка, што дополнително говори за доминантната насилничка култура и широката распространетост на одобрување и нормализирање на насилството во нашите општества“, се вели во соопштението.

Оттаму потенцираат дека различните форми на родово базирано насилство се секојдневие и во Македонија, со оглед на тоа што, како што се вели во реакцијата, на 28 август имаше обид за фемицид во Арачиново, кога сопруг пукал во својата сопруга. Неколку недели претходно 46-годишната жена од Неготино почина по четири дена борба за живот, откако нејзиниот партнер ја претепал нанесувајќи и многу тешки повреди на мозокот и черепот.

Според Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во 2020 година се случиле четири убиства на жени, фемициди.

Во сите овие случаи, претходно било пријавено насилство, но, немало соодветна реакција за заштита на жртвите.

„Изминатиот месец, Платформата за родова еднаквост реагираше неколку пати во однос родово базирано насилство и неговото системско игнорирање. Фемицидот од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции. Неколку дена покасно, Платформата алармираше и за непостапувањето од страна на надлежните институции во однос на лицата кои се соочуваат и справуваат со семејно насилство. Родово базираното насилство останува дел од нашата реалност се додека општествено и системски на се адресира и соодветно санкционира“, децидни се од Платформата.

Оттаму потсетуваат дека измените на Кривичниот Законик се сѐ уште блокирани во Собраниска процедура и ги повикуваат пратеничките и пратениците во најбрз можен рок истите да ги стават на дневен ред.

Извор: МЕТА

(Видео) ИМА: Латас дезинформира за процентот на Албанците во Македонија

Драган Павловиќ Латас, во гостувањето на „Жешко политичко лето“ на Канал 5 ТВ на 31 август 2022 година, ја изнесе следнава дезинформација:
„…ние имаме овдека дваес-дваес-два-три посто Албанци…“

 

YouTube player
Институтот за медиуми и аналитика укажува на оваа дезинформација и се повикува на податоците од пописот 2021, според кои 24.30% проценти од резидентното население се изјасниле како Албанци (од вкупно попишаното население 29.52 %).

Исто така, од попишаното население 24.34% се изјасниле дека мајчин јазик им е албанскиот јазик.

Извор: ИМА