дома блог страница 3

Морачанин: Евроинтегративниот процес носи прогрес на целото општество

Во интервју за Слободен печат, претседателката на политичката партија ДОМ, Маја Морачанин посочи дека нејзината партија е проевропски ориентирана партија и дека се залага и дејствува за што побрза интеграција на државата во ЕУ.

Не само членството, смета Морачанин, туку и целиот процес на пристапување кон ЕУ и исполнување на крутериумите, носи придобивки за граѓаните и за целото македонско општествп.

„За Македонија е важна крајната цел – да станеме полноправна членка на ЕУ, ама важен е и овој евроинтеграциски процес, затоа што со отворање на тие поглавја, практично се случуваат реформите. Ние веќе имаме јасни патокази, имаме план што треба да направиме, каков тип на реформи во правосудство, во администрација…Патот е трасиран и го следите. Сите ние како граѓани сакаме да видиме реформи дома, начинот на кој може да се забрзаат тие реформи и да се реализираат е токму евроинтегративниот процес и постигнување на копенхашките критериуми. Тоа е начинот на кој општеството навистина може да доживее прогрес. Процесот не значи само да го усогласите законодавството со ЕУ, туку и што реално ќе реализирате од тоа“ посочи таа.

Морачанин истакна дека освен финансиска, државата на патот кон ЕУ ќе добива и стручна, експертска поддршка за побрзо да ги постигне стандардите.

Извор: СлободенПечат

Ризаов: Во државата не постои друга поделба освен тоа дали си ЗА европска Македонија или си ПРОТИВ

„Во Македонија не постои друга поделба освен тоа дали си за европска Македонија, за европски вредности, европеизација или си против тоа“.

Ова е констатацијата од изјавата за „Фронтлајн“ на Ерол Ризаов, новинар и публицист со долгогодишно искуство во журнализмот, запрашан за предностите и слабостите на двајцата главни ривали за претседателската трка, социјалдемократот Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова од конзервативната десница.

– Стево Пендаровски, сегашниот претседател, има кристално јасна и конзистентна позиција подолг период. Уште од неговата прва појава во политичката сцена, како советник во кабинетите на тогашните претседатели Бранко Црвенковски и Борис Трајковски, имаше јасна определбата и особено од кога е претседател на државата. Сите овие пет години ориентацијата кон евроатланските интеграции, кон европските вредности и кон европската припадност на Македонија како стратегиски најважен интерес, кај Пендаровски нема сомневање. Тој тоа го работи во границите на уставните овластувања и во границите на позицијата што ја има претседателот на државата. Нема никаква дилема дека Пендаровски и во својот втор мандат, ако го добие, ќе го извршува на највиско ниво, приближувајќи ја Македонија кон Европската Унија, изјави Ризаов за „Фронтлајн“.

Тој додава дека во Македонија не постои друга поделба освен тоа дали си за европска Македонија, за европски вредности, европизација или си против тоа.

– Флоскулата која ја пласираат кандидатите на опозицијата и самата опозиција дека и тие се за европска Македонија, меѓутоа поставувајќи разни програми од типот под која цена…, зборувајќи за национална гордост и за изгубен идентитет, тоа е оправдување за блокирање на сопствената држава за најважното историско прашање за иднината на државата и граѓаните на Македонија, вели нашиот соговорник.

Ризаов се задржа и на поткрепата на кандидатурата на кандидатката на опозициска ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова само со 30 пратенички потписи, иако лидерот на нејзината партија, Христијан Мицкоски објави дека се собрани над 20 илјади потписи од граѓани.

– Ниту ВМРО ДПМНЕ, ниту Силјановска не дадоа рационално појаснување за скандалот со собирање поптписи од граѓаните. Тие го сведоа обој случај на техничко прашање. Очигледно станува збор за нешто што ги доведува во сомневање бројните нарачани анкети за сигурната победа. Голема е навредата на тие луѓе што се потпишале и ги избришале како да не постојат колку и да биле. Така Силјановска стана единствен кандидат за претседател на државата само со потписи на 30 пратеници, подвлече Ризаов.

Според него, ако не се постигне консензус меѓу релевантните, најголемите политички партии што ќе победат на изборите, Македонија ќе остане на маргините и ќе доаѓа во ситуација да се доведе во прашање нејзиниот понатамошен опстанок како држава.

– Длабоку сум уверен дека во наредните десет години може да се остварат најзначајните интереси на ова држава, нагласи тој.

Извор: Фронтлајн

За потценетите геополитички околности може да платиме сериозна цена

Ако за момент емоциите ги замениме со резон, кој ни е повеќе од неопходен во услови на повеќекратна криза со сите поврзани ризици, се наметнува потребата од поголема внатрешна умереност и консолидација наспроти зајакнување на тенденции за уште подрастична поларизација, која ја поттикнуваат и надворешни фактори.

Тони ПОПОВСКИ

Оваа седмица, во наш хелиоцентричен манир ќе се занимаваме со партискиот кастинг и составувањето на листите на кандидати за претстојните собраниски избори како и со содржината на програмите на партиите, сето ова проследено и со континуитет на жестоко спротивставени наративи, вербална пиротехника и по некоја пикантерија, за забава или замајување на широките партиски избирачки бази и по некој неопределен избирач. Истовремено, развојот на настаните во опкружувањето е далеку од забавен односно е поприлично загрижувачки.

Терористичкиот напад во Москва, за кој одговорност презеде „Исламската држава“, резултираше со стотици невини убиени или повредени лица. Во обид да го пресретне ризикот по сопствениот имиџ на авторитарен лидер кој ја гарантира стабилноста и безбедноста на Руската Федерација, Путин не губеше време и имплицитно за овој настан ја обвини Украина: „Тие (терористите) се обидоа да се скријат и тргнаа кон Украина, каде што претходно им беше подготвен прозорец за да ја преминат границата“. Од своја страна Украина негираше каква било поврзаност со нападот и предупреди дека Русија може да го искористи како изговор за ескалација на својата инвазија, односно за спроведување на веќе најавената пролетна офанзива. Нареден индикатор дека пролетта може да донесе „совршена бура“ на украинскиот фронт е замената на описот „специјална воена операција“ со “Русија е во војна“ со објаснување на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека „кога колективниот Запад стана учесник на страната на Украина, за нас тоа веќе стана војна“. И претходно Путин во неколку наврати ја оправдуваше интервенцијата во Украина како егзистенцијална борба на Русија за опстанок против Западот, кој според него бара уништување на Русија. Оваа замена на тезите за карактерот на тоа што се случува во Украина, според низа угледни аналитичари цели кон придобивање на јавноста во РФ за засилена внатрешна мобилизација низ нов бран на регрутирање и зафаќање на нови финансиски средства, па и од руската олигархија. Како и да е, од изминатиот петок може да се заклучи дека Русија транзитира во состојба на многу пошироки воени подготовки.

Од своја страна, Зеленски кој е соочен со блокада на 60 милијарди долари помош од САД поради отпор на про-Трамп структури во Конгресот, се обидува да најде начин да обезбеди дополнителни системи за противвоздушна одбрана и муниција од државите членки на ЕУ. Кон крајот на оваа седмица се очекува лидерите на Европската унија да разгледаат план за користење до 3 милијарди евра годишно за снабдување со оружје за Украина. Овие средства треба да се акумулираат од профитот од средствата на Руската Федерација што се чуваат во Европа, а не од самите средства кои се замрзнати. Околу 70% од тие средства се чуваат во централниот депозитар за хартии од вредност Euroclear во Белгија, како еквивалент на 190 милијарди евра различни хартии од вредност и готовина на Руската централна банка. Отпор на овој предлог се очекува да дадат Унгарија и Словачка кои одбиват да и дадат оружје на Украина. Претходно, тензиите на релација ЕУ – РФ особено ескалираа после изјавата на Макрон дека не може да ја исклучи можноста за испраќање западни трупи на терен во Украина, во иднина, на што Путин се закани со нуклеарна војна.

По однос на финансиското маневрирање во ЕУ, како за помош на Украина но многу повеќе за зголемување на сопствената отпорност при евентуална ескалација и судир меѓу РФ и НАТО, истотака има интересна дебата со неколку предлози на маса. Макрон даде иницијатива, ЕУ да издаде нова рунда „обврзници за итни случаи“ за да на тој начин се покријат трошоците за повторно вооружување на континентот, но на овој пристап се противи Германија поради стравување дека во поголем дел сервисирањето на ова задолжување ќе падне на плеќите на германската економија. Низа аналитичари го критикуваат овој пристап и сугерираат дека можеби најефикасен начин да се обезбедат неопходните средства е преку директно одвојување од буџетите на државите членки, па и до 4% за почеток. Секако, оваа одлука е тешка и непопуларна бидејќи овие средства треба да се издвојат за сметка на други програми кои осигуруваат квалитетни услуги и благосостојба за граѓаните на ЕУ. Просторот за одлука во ЕУ се стеснува и поради објективниот ризик, Трамп доколку биде избран, целосно да се воздржи од  давање на воена помош на Украина.

Претстојните претседателски и собраниски избори кај нас имаат специфична историска тежина можеби и најмногу поради зовриените геополитички околности во кои треба да се одржат. Од една страна, овие избори се можност за репотврдување на воспоставените стратешки партнерства со ЕУ и САД и забрзано доизодување на стратешкиот пат кон полноправно членство во ЕУ, како пристап кој осигурува внатрешна стабилност и надворешна безбедност, а со нив и социо-економска стабилност и одржливост. Од друга страна, може да се случи избор на опција која овие стратешки партнерства најдиректно ги критикува низ критика на последната владеачка коалиција за понизност, коленичење, вазалство, сервилност, и полтронство кон Западот. Оваа алтернативна опција лавира од понуда за поголем суверенизам под паролата „Македонија повторно горда“ заедно со продолжена блокада на преговорите со ЕУ, придружено со неизвесно репреговарање на рамката за преговори и билатералниот Договор со Бугарија, па се до понуди за понагласена неутралност, а кои се типични за Србија на Вучиќ и за однесувањето на Унгарија на Орбан, занемарувајќи дека нашата држава, впрочем како и Унгарија  е полноправна членка на НАТО.

Не е момент за приоритетно задоволување на лични или групни интереси, и потоа гасење на пожари кои можат да се превенираат,  туку е момент за ефективна заштита на нашиот национален и државен интерес.

Ако за момент емоциите ги замениме со резон, кој ни е повеќе од неопходен во услови на повеќекратна криза со сите поврзани ризици, се наметнува потребата од поголема внатрешна умереност и консолидација наспроти зајакнување на тенденции за уште подрастична поларизација, која ја поттикнуваат и надворешни фактори. Не е момент за приоритетно задоволување на лични или групни интереси, и потоа гасење на пожари кои можат да се превенираат,  туку е момент за ефективна заштита на нашиот национален и државен интерес. Пролонгирана блокада на преговорите со ЕУ, неминовно прави притисок за раздвојување од Албанија која со својот исчекор кон ЕУ ќе зајакне како гравитациска точка за Албанците од Македонија. Впрочем, преговорите со ЕУ, се сврзната точка во нашето мултиетничко општество и клучен фактор за остварување на поширока општествена кохезија. Целосно неодговорно е да се потценува овој аспект и клиентелистички да се залажуваме  дека нема ништо да се случи се доколку барем еден дел од етнички дефинираните партиски кампови ужива во привилегиите кои ги носи власта.

Впрочем, намерно или ненамерно, постепено со нашата блокада на преговорите, се вклопуваме во агендата на Руската Федерација за Западниот Балкан, која цели кон оддалечување на државите кандидатки од  членство во ЕУ и подгревање на локалните национализми кои лесно може да изгенерираат нови па и воени жаришта, а по можност и фаќање на руска страна во тековната војна во Украина, која утре може да прерасне во војна со Западот.

Извор: Рацин

Албански медиуми: Во Брисел продолжува дијалогот помеѓу Косово и Србија за динарот; Напреднат е статусот на Косово во Парламентарното собрание на НАТО; договорот Рама – Мелони започнува со имплементација од 22 мај

0

Во Брисел денеска ќе се сретнат главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, со сретнат со посредство на специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак. На средбата ќе се разговара за прекинот од оптек на српскиот динар во Косово, откако на 22 март страните ги дадоа своите предлози, пишуваат косовските медиуми.

Структурите кои ќе ги пречекуваат имигрантите кои доаѓаат од Италија ќе профункционираат на 20 мај, (договорот Рама –Мелони) Ова се предвидува во огласот објавен на 21 март од префектурата Рим, според кој се планирани 3 точки за прием и враќање на имигрантите, пишуваат албанските медиуми.

Ова се дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.

КОСОВО

РТВ 21: Главните преговарачи се среќаваат денеска во Брисел, разговорите за динарот продолжуваат

Главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ се очекува денеска во Брисел да се сретнат со посредство на специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.

На последната средба што главните преговарачи на двете земји ја одржаа под покровителство на Лајчак во Брисел за тензиите што се разгореа по регулативата на Централната банка (ЦБК), преку која косовските власти имаат намера да ја забранат употребата на српската динарот во рамките на територијата, страните се договорија до 22 март да ги достават предлозите за решавање на динарската криза, пренесува РТВ21.

Репортери: Продолжува судскиот процес во Хаг против поранешните лидери на ОВК

Во Специјализираните комори на Косово во Хаг денеска ќе продолжи судскиот процес против поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово. Судската седница се очекува да започне во 09:00 часот.

Спротивно на тоа, рочиштата за судењето на Хашим Тачи и сообвинетите продолжија на 18 март, со исказот на четириесет и деветтиот сведок што го повика Обвинителството. Станува збор за заштитен сведок чие сведочење, според резимето што беше прочитано во судницата, се однесува на жртва која била убиена откако била одведена и приведена од припадници на ОВК во областа Лап, пренесе Репортери.

БалканВеб: Напреднат е  статусот на Косово во Парламентарното собрание на НАТО

Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, и пратеникот на Движењето Ветевендосје, Дритон Хисени, во неделата изјавија дека Постојаната комисија на Парламентарното собрание на НАТО го унапредила статусот на Собранието на Косово во ова тело, од набљудувачот, во соработник.

Хисени, истовремено и шеф на делегацијата на Собранието на Косово во ова Собрание, рече дека ова е „највисоко ниво на присуство во Собранието до полноправното членство на Косово во НАТО“, и оти одлуката ќе биде официјализирана преку гласање во Собранието на НАТО на пролетната сесија, на 27 мај во Софија, пренесе Балкан Веб.

АЛБАНИЈА

Еуроњуз: На 20 мај ќе бидат отворени центри за баратели на азил, 3 структури во Шенѓин и Ѓадер

Структурите кои ќе ги пречекуваат имигрантите кои доаѓаат од Италија ќе профункционираат на 20 мај. Ова се предвидува во огласот објавен на 21 март од префектурата Рим, според кој се планирани 3 точки за прием и враќање на имигрантите. Структурите ќе ја чинат италијанската држава вкупно речиси 34 милиони евра.

Пактот, промовиран од владата на Рама и Мелони и жестоко оспоруван од албанската и италијанската опозиција, предвидува дека на албанска територија ќе се градат структури за сместување на барателите на азил кои италијанските власти ги спасиле на море, пренесува Еуроњуз.

КОЛУМНА

Сури – Судир на геополитички интереси: заканата на Србија за Косово и ризикот по регионалната стабилност

„Во говорот од 23 февруари 2022 година, каде Путин им нареди на руските трупи да ја нападнат Украина, тој рече дека: „неопходно беше да се запре  геноцидот врз милиони луѓе кои живеат таму, кои се потпираат само на Русија. . Судирот на Русија со овие сили е неизбежен,  и го чекаме вистинското време“. Според него, овие катастрофи им се случуваат на Русите во Украина со поддршка на главните земји од НАТО.

Сличноста на двете изјави укажува на заедничка агенда.

Сегашната изјава на Вучиќ е подготовка на дискурсот и политичкиот терен за идните паравоени и воени претпријатија што тој има намера да ги преземе во рамките на поддршката што ја добива од Русија и Кина.“, пишува Гуракуч Кучи во колумната „Судир на геополитички интереси: заканата на Србија за Косово и ризикот по регионалната стабилност“, објавена во Сури.

Извор: ЦивилМедиа

Бојмацалиев: Со негласањето на уставните измени и оттргнувањето од патот на ЕУ се остава простор за руско влијание

„Со негласањето на Уставните измени и оттргнувањето од патот на ЕУ се дава простор на зголемување на руското влијание. Тоа е една од причините кои ме загрижуваат за негласањето на уставните измени. Со тоа го отвораме патот и ја рушиме довербата во ЕУ. А ЕУ е единствениот пат за нашата земја“ рече дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во утринската програма на Клан.

Тој додаде дека поголемиот број од граѓаните се поддржувачи на европскиот пат, а само една мала група поддржуваат некој друг пат, за кои и самите не знаат кој е тој.

„И ако ги прашате тие политичари кои велат не за ЕУ кој е другиот пат и тие самите не знааат. И не знаат за кој пат се тие и кој ги финансира во суштина да го прават сето тоа“ рече Бојмацалиев.

Тој додаде дека поголемиот број граѓани се свесни дека ЕУ е единствениот пат и дека доаѓа од партија која силно ќе се бори за тоа.

 

(ВИДЕО) „Полиграф“: Дезинформација е дека Албанците влегоа во Преамбулата со уставните измени поради Преспанскиот договор

Во медиумите често се објавуваат дезинформации за измените на Уставот. Таков пример е прилогот на ТВ Алфа објавен на 17 март 2024 со наслов: „Tиранската платформа за која Заев тврдеше дека не постои денес е македонска реалност“.

Во текстот се тврди: „Со уставните измени поради Преспанскиот договор Албанците влегоа во преамбулата, односно наместо македонскиот народ и заедниците на Албанците, Турците и слично, се воведе терминот македонскиот народ и делови од албанскиот народ, турскиот и така натаму. Со оваа навидум мала промена дефакто Албанците станаа државотворен народ.“.

Меѓутоа, не е точно тврдењето дека „Со уставните измени поради Преспанскиот договор Албанците влегоа во преамбулата“, затоа што Албанците беа дел од Преамбулата на Уставот во 1991 година. А терминот  „албанскиот народ“ е воведен во Преамбулата со уставните измени усвоени на 16 ноември 2001 по Рамковниот договор, а не со уставните измени поради Преспанскиот договор.

Во Амандманот 4 од 2001 година, меѓу другото се вели: „Граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“.

Со амандманот XXXIV (34) од 2019 година, во Преамбулата се избришаа зборовите „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се“, па сега во неа се вели: „Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“.

Затоа, тврдењето на ТВ Алфа дека „Со уставните измени поради Преспанскиот договор Албанците влегоа во преамбулата“ претставува дезинформација, која може да поттикне меѓуетничка нетрпеливост и поделби меѓу граѓаните.

Претседатели на партии, претседател на Собрание, министри, младински активисти и експерти на листите на СДСМ

СДСМ вчера ги потврди кандидатските листи за пратеници за престојните парламентарни избори, а на листата се наоѓаат искусни политичари и млади активисти.

Претседателот на партијата, Димитар Ковачевски ќе ја предводи листата во Изборната единица 1, каде коносителка е претседателката на коалициониот партнер на СДСМ, ЛДП, Моника Зајкова.

Освен нив, на листата на кандидати за пратеници во оваа изборна единица се и вицепремиерот за европски интеграции, Бојан Маричиќ.

Во ИЕ2, листата ја предводат Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи, а по нив следуваат и пратеничката Санела Шкриељ, пратеникот Мартин Костовски, како и претседателот на Социјалдемократската младина, Марко Михаиловски.

Во „тројката“, листата ја предводат Сања Лукаревска и Љупчо Николовски, пред претседателот на НСДП, Горан Мисовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Во Изборната единица 4, носител е поранешниот министер за здравство Венко Филипче, а коносителка на листата е министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренечвска. Во ИЕ5, листата ја води претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, додека коносителка е министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Во „шестката“, носителка е министерката за одбрана и претседавачката со Централниот одбор на СДСМ, Славјанка Петровска, додека коносител е младиот Аргон Демири.

Поддршка за изборните листи на СДСМ и коалицијата, освен 12те носители и коносители дадоа и тие кои се наоѓаат подолу на листите, но повикуваат на силна борба до последен ден во кампањата и победа на 8 мај.

Една третина од 120те предложени кандидати за пратеници се млади.

 

Млади уметници изработуваат огромен мурал во центарот на Скопје

0

Изработката на мурали во јавен простор станува обележје на фестивалот Акто и ФРУ кои во 2020 година изработија неколку големи мурали во повеќе градови од земјата, пренесувајќи пораки на солидарност и заедништво за време на пандемијата од Ковид 19.

Во Северна Македонија, 6 јануари 2021 се случи на 27 април 2017 година

0

Северна Македонија навистина имаше хибриден режим. Тоа беше во периодот помеѓу 2013 и 2017. Во тој период незаконски беа прислушувани повеќе од 20.000 луѓе. Во тој хибриден режим имаше листата за „отстрел“ на 148 познати граѓански активисти. Ако ги погледнеме социјалните мрежи, се уште има такви кои повикуваат на отстрел за многумина од овие 148. Во Северна Македонија, 6 јануари 2021 се случи на 27 април 2017 година.

Пишува: Андреја СТОЈКОВСКИ

Помина еден месец од мојата последна објава. Тогаш бев во шок од смртта на Алексеј Навални и се обидов на читателите да им насликам дека режими како оној на Путин во Русија имаат само еден модел на справување со неистомислениците. Сакав да верувам дека можноста за повлекување на паралела помеѓу Русија и Северна Македонија заврши помеѓу 2015 и првата половина од 2017, така и напишав. Но, во меѓувреме послушав многу приказни, следев вести на повеќе сериозни и помалку сериозни медиуми, разговарав со многу луѓе, од најразлични сегменти на општествата во неколку часовни зони, две држави и континенти.

Додека бев отсутен бев на патување во САД. Повторно ги посетив Илиноис и Индијана во т.н. Производен појас, или како што американците го нарекуваат „Rust Belt“. Двете држави не се воопшто интересни од аспект на американските избори. Во Илиноис победуваат Демократите, додека во Индијана победуваат Републиканците. Во обете држави има развиена индустрија, во Илиноис тоа се големи машини и машини за земјоделството, додека во Индијана тоа е производството на челик и автомобилската индустрија. Од другата страна, двете држави се огромни производители на земјоделски производи, пченка, соја, месо, млеко итн. Дополнително, како голем град, Чикаго е седиште за некои од најпознатите и најголемите компании во САД, а со тоа прави економијата на Илиноис да биде петто рангирана според БДП на поединечните држави. Пред Илиноис се само Калифорнија, Тексас, Њујорк и Флорида кои дури и во светски рамки, ако би биле индивидуално рангирани би се нашле во топ дваесетте економии.

Кога ќе ги погледнете економските показатели, нешто на што постојано посочуваат од Белата куќа и Сенатот, последните 3 години покрај пандемијата и економската криза, САД се наоѓаат во ера на извонреден економски раст. После остриот пад поради пандемијата, високите стапки на инфлација и пазар на труд кој се намалува. Денес економијата во САД е на пред пандемски рамки со инфлација близу до посакуваната од 2% и невработеност од 3,5%. Воедно, креирањето на нови работни места руши рекорди. Сепак, во моите средби со луѓето слушнав многу интересни видувања. Уште веднаш по слетувањето на аеродромот во Чикаго возачот кој ме одвезе до не така блиското предградие почна да ме убедува дека овие податоци не допираат до граѓаните. Како и во САД, економските показатели за Северна Македонија велат дека економијата покажала променлив раст, невработеноста опаѓа, а инфлацијата била главно под контрола. Згора на тоа и платата бележи пораст и тоа реален, а државата можеби е на 84-тото место на Индексот на среќата, но во последниве 11 години се искачила за 34 места. Сепак, ова се податоци, а за многумина реалното чувство е поинакво.

Во следните приближно две недели во разговорите со повеќето пријатели и други кои имав можност да ги запознам слушнав аргументи за и против сите претседателски кандидати. Слушнав и приказни, но и, изјави кои ме воодушевија и замислија. Среќа немаше такви што би ме загрижиле, иако има многу простор за грижа. Многумина од моите соговорници размислуваат зрело за државата и се сомневаат во квалитетот на демократијата. Покрај тоа што се граѓани на државата која извезува демократија. Некои не се согласуваат со политиките на актуелната администрација. Иако, не сретнав такви кои сметаат дека Украина не заслужува помош, а Русија го има сето право најагресивно да ја нападне. Имаше такви кои сметаат дека на државата и треба подобар или поголем избор но, немаше такви кои за 6 јануари 2021 и толпата која го нападна Капитол зборуваат како за херои. Дури и меѓу оние кои го поддржуваат Трамп!

Прогресот не се брани со голи флоскули, а во Европската Унија пристапува целото општество, откако власта ќе пристапи кон сериозен реформски процес. Но, ниту најпоетското опишување на крвниците кои упаднаа во Собранието за да ја остварат целта на оние кои ја грабнаа државата, нема да направи од нив херои.

Во меѓувреме, на седум, односно шест часовни зони оддалеченост, дома, се профилираа кандидатите и се филтрираа главните пораки за нашите избори оваа пролет. Главно пораките се групираат околу поддршка за прогресивни политики и пристапување во Европската Унија, односно околу нешто на кое се уште не сме му ја виделе формата, политичката програма односно порака. Да бидам до крај јасен, прогресот не се брани со голи флоскули, а во Европската Унија пристапува целото општество, откако власта ќе пристапи кон сериозен реформски процес. Но, ниту најпоетското опишување на крвниците кои упаднаа во Собранието за да ја остварат целта на оние кои ја грабнаа државата, нема да направи од нив херои.

Вчера подготвувајќи се да гостувам на една политичка ТВ дебата на која требаше да зборуваме за изборите и ефектот врз пристапувањето во Европската Унија случајно послушав една најава на вести на телевизијата која рекламира маслиново масло од унгарско потекло. Во најавата за државата и власта се зборуваше како за режим. Немав сила да продолжам да ја слушам но, како да ме подготви за она што следуваше подоцна. Она што следуваше беше повеќе релативизирање на реалните закани за државата, помалку патриотизам и поддршка за ревизијата на најцрниот момент во современата историја на државата

Северна Македонија навистина имаше хибриден режим. Тоа беше во периодот помеѓу 2013 и 2017. Во тој период незаконски беа прислушувани повеќе од 20.000 луѓе. Во тој хибриден режим имаше листата за „отстрел“ на 148 познати граѓански активисти. Ако ги погледнеме социјалните мрежи, се уште има такви кои повикуваат на отстрел за многумина од овие 148. Во Северна Македонија, 6 јануари 2021 се случи на 27 април 2017 година.

Во САД, малкумина имаат милост за оние кои упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година. Меѓу оние со кои имав можност да зборувам, дури и оние кои го поддржуваат Трамп за нив зборуваат со осуда. Во демократијата нема место за такви постапки! Тоа е главната порака која деновиве се испраќа. Во Северна Македонија, од 27 април до денес, се сменија некои политички елити, но наследниците на тогашниот режим никогаш не ја прифатија вината за стореното, макар и со политичка изјава. Никогаш не покажаа покајание, ниту се извинија за прогонот. Никогаш не се дистанцираа од сторителите. Напротив и натаму зборуваат за нив во суперлатив. и посочуваат дека изборната победа ќе значи и простување

Борбата против заробувањето на државата во Северна Македонија мора да продолжи и натаму! Знам дека многумина од оние 148 активисти споменати погоре очекува и бараа подобро. Но подобро доаѓа со постојано граѓанско учество, со постојана борба за идеали и реформи кои гарантираат почитување и зголемување на слободите на сите граѓани. Подобро доаѓа низ постојан напор и од владата и од граѓанското општество, но и поддршка од меѓународните партнери. Тоа е партнерство со западните либерални демократии, не со авторитарни и хибридни режими, макар тие да се дел од Европската Унија и НАТО.

Северна Македонија може подобро! Северна Македонија има избор. Ние имаме избор. Изборот е да чекориме напред, онаму каде што партнерството со западните либерал-демократии ќе донесе и повеќе среќа за нашите граѓани и за државата.

Извор: Рацин.мк

(ВИДЕО) Русите го погодија сопствениот брод со проектил во Балтичкото Море, загинаа тројца членови на екипажот

0

Руски воен брод по грешка истрелал проектил кон сопствениот брод „Капетан Лобанов“ во Балтичкото Море, при што загинале тројца членови на екипажот, објави независниот руски ТВ Рајн на 21 март.

Рускиот рибарски брод „Капетан Лобанов“ беше погодена со проектил од руската Балтичка флота, објави независната руска онлајн ТВ Дожд, повикувајќи се на роднини на еден од членовите на екипажот.

Како што објави онлајн телевизијата објави дека инцидентот се случил на 19 март 2024 година, кога тројца членови на екипажот загинале на бродот, а четворица други биле повредени, пренесува украински Милитарњи.

Проектилот што го погоди „Капетан Лобанов“ е испукан за време на вежба на руската Балтичката флота. Пред инцидентот, членовите на екипажот на бродот требаше да одат на спиење кога проектилот ја погоди кабината на капетанот.

Локалните власти во Калининградската област изјавија дека имало пожар на бродот, а причината за инцидентот се уште не е позната. Властите пријавија само еден смртен случај.

YouTube player

„Кога ги одведоа преживеаните, сите знаеја совршено дека три лица се убиени. И сите одлично знаеја дека е погоден со проектил. Но, тие решија да напишат дека има „пожар“. Се прашувам за каков пожар станува збор, ако кабината на капетанот беше целосно исчезната, таа едноставно беше издувана“, изјави изворот за ТВ Дожд.

Преживеаните се префрлени во болница во градот Пионерски, а една од жртвите се наведува дека е во тешка состојба.

Телевизијата Дожд јавува дека повредените биле испрашувани во болница од службеници на Федералната служба за безбедност на Руската Федерација, кои побарале од членовите на екипажот да не шират информации за инцидентот.

Друг проектил, според изворот на ТВ Дожд, паднал во рибарски мрежи во близина на индустрискиот брод МРТЦ, кој се наоѓал во близина на бродот „Капетан Лобанов“.

Руските медиуми објавија дека за време на вежбите на 19 март руската корвета Боики извршила практично гаѓање од артилериско оружје на бродот.

По завршувањето на пукањето, екипажот вежбаше да ги погодува бродовите на симулираниот непријател со противбродски ракети Kh-35 на ракетниот систем Уран со електронски лансирања.

Милитарњи претходно објави дека адмирал Јевменов, врховен командант на руската морнарица, е разрешен. Повикувајќи се на свои извори, новинарите објавија дека командантот на Северната флота Александр Мојсеев е назначен за привремен вршител на должноста врховен командант на руската морнарица.

Извор: ЦивилМедиа