дома блог

Патриотизмот чини пари, а и песните што се пејат

Најавениот проект на приватна продукција, „Македонијо во срце те носиме“, ќе чини 200.000 евра и треба да го финансираат осум општини. За возврат ќе добијат концерт на 12 пејачи и 12 песни

Кога Владата треба да го усвои предлогот на уставните измени и да го испрати во Собранието, еден проект наречен „Македонијо во срце те носиме“ треба да биде антипод на таа процедура. Дванаесет патриотски песни во изведба на 12 пејачи ќе бидат изведувани во осум градови во Македонија, затоа што „како никогаш досега, македонскиот народ е гладен за патриотизам, затоа што како да се случува повторување на историјата, неговата припадност, јазик и култура да бидат негирани“.

Малку конфузно делува објаснувањето на оние што го подготвуваат овој проект, но суштината е едноставна: и патриотизмот во времето на можните уставни измени чини пари.

До советите на осум општини – Прилеп, Битола, Велес, Штип, Тетово, Охрид, Кочани и Скопје – испратен е предлогот на овој проект за кој се бара парична поддршка од нив во кој се објаснува дека со него „не само што ќе го храниме македонскиот патриотски дух, туку уште еднаш ќе потврдиме дека македонскиот народ од дамнешни времиња го чувал, негувал својот јазик преку народните песни со родољубива тематика и го штител својот идентитет преку нив“.

Во тие осум градови, 12-те пејачи треба да ги изведат 12-те песни, а за тоа се потребни пари. Според она што е напишано во предлогот на овој проект, тие концерти што треба да се одржат во август и септември. Аранжманите, ПР-стратегијата, хонорарите, снимањето на песните треба да ги платат – општините! Првичниот план за чинењето на овој проект, којшто го води „Скендеровски продукција“ изнесува околу 12 милиони денари (200.000 евра).

Некои од општините ќе платат помалку (на пример, еден милиони евра), некои повеќе, но ако два месеци секој викенд 12-те пејачи имаат по еден патриотски концерт во осумте градови за тоа мора да се издвојат пари. Веројатно општините се финансиски релаксирани, па имаат пари да одвојуваат за патриотски проекти на приватни продукции. И така кај нив сѐ друго функционира под конец.

Во предлогот доставен до општините за да издвојат пари се наведуваат – 12-те патриотски песни кои треба да бидат дополнителен стимул за советниците да ги одобрат парите (меѓу нив се и „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало селото Ваташа“, „Земјо македонска“, „Едно име имаме“, „Народе македонски“), како и имињата на изведувачите кои треба да бидат некаков гарант за нивото на патриотизмот што треба да се испорача.

Бидејќи за утре е најавено дека јавноста ќе ги дознае деталите за овој патриотски музички проект, веројатно е дека осумте општини веќе го дале својот изим – од нивните напрегнати сметки да се издвојат пари за патриотизмот што ќе го емитира една приватна продукција. Општините, во овој случај, да се послужиме со музичката терминологија, треба да бидат носач на звукот. Паричен. (Н.В.)

Извор: Независен

Маричиќ: Со регионалната соработка ги доближуваме нашите граѓани до европските вредности

„Целта ни е ЕУ, затоа паралелно работиме и на регионалната соработка, како составен дел од европската интеграција“, објави на својата фејсбук страница Бојан Маричиќ, Заменик-претседател задолжен за европски прашања, по средбата со генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.
„Ќе продолжиме како земја да придонесуваме во подобрувањето на регионалната соработка и активно да работиме во рамки на иницијативите Берлински процес и Отворен Балкан, од кои конкретни бенефити имаат македонските граѓани и македонската економија“, истакна Маричиќ.
Според Маричиќ, „Со регионалната соработка ги доближуваме нашите граѓани до европските вредности, ги зближуваме народите и ги подобруваме односите со соседите, во интерес на евроинтеграциите и напредок кон членството во ЕУ“.

Стабилност пред демократија или силна демократија која генерира стабилност

Се чини дека дилемата од насловот на колумната повторно станува актуелна кај нас, иако нејзината актуелност реално никогаш не се намали на Западниот Балкан. Потврда за второто се тековните состојби во Србија, Косово, БиХ, Црна Гора и донекаде во соседна Бугарија.

Тони ПОПОВСКИ

Се чини дека дилемата од насловот на колумната повторно станува актуелна кај нас, иако нејзината актуелност реално никогаш не се намали на Западниот Балкан. Потврда за второто се тековните состојби во Србија, Косово, БиХ, Црна Гора и донекаде во соседна Бугарија.

Дилемата од насловот беше политички актуелна кај нас безмалку во целиот период после грчкото вето на нашиот потенцијален прием во НАТО, кое се случи на самитот во Букурешт во 2008 година, па се до предвечерјето на т.н Шарена револуција, која го најави епилогот од коалициските преговори после одржаните собраниски избори во 2016 година и последичното заминување од власт на ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот тогашен премиер Никола Груевски. И покрај тоа што изборите во 2016 година, ВМРО ДПМНЕ ги доби со разлика од два пратеници, сепак не успеа да состави коалиција за понатамошно владеење. Непосредна причина за тој епилог беше одлуката на ДУИ да го замени долгогодишниот коалициски партнер со СДСМ како нов партнер во македонскиот блок на политички партии.

Ако се исклучат првите две години од владеењето на ВМРО ДПМНЕ кои лично би ги оценил како реформаторски и во таа смисла успешни, остатокот од тој 10 – годишен мандат го одбележаа девијации односно застранувања од демократијата, а кои практично кулминираа во 2015 година, во смисла дека таа Влада ја загуби „партнерската“ поддршка на западните либерални демократии. Непосреден повод беа трагичните настани во кумановската населба „Диво насеље“ кои се случија на 9 и 10 мај 2015 година, кога животот го загубија 10 припадници на нашите безбедносни сили и други 37 беа повредени во судир со уфрлена вооружена група од соседно Косово. Овие настани беа обид за дестабилизација на Републиката, но истите и денес се поврзани со низа контроверзии и шпекулации за суштинскиот придвижувачки мотив. Впрочем, Владата на Груевски во период од речиси осум години, опстојуваше меѓуостанатото, а можеби и најмногу поради парадигмата на САД и ЕУ за стабилност пред демократија, парадигма која беше пошироко аплицирана во нашиот регион, а донекаде е аплицирана и сега. Оттаму и потребата покрај безбедносно, политиколошки да се анализира хипотезата дека овие кумановски настани се случија поради во основа невешт и консеквентно многу трагичен обид за опстојување на таа парадигма, не само кај нас туку и во соседството, односно дека стабилноста е побитна од демократијата, и дека демократски девијации треба да продолжат да се толерираат.

За толерирање на девијациите придонесе и мигрантската криза со која истотака беа но и денес се поврзани безбедносни ризици, покрај тензиите на релација Србија – Косово, а кои во начело се рефлектираат во непосредното опкружување, а најмногу кај нас, но и во БиХ. Токму мигрантската криза и “успехот“ на Груевски да превенира понатамошни и последователни напливи на бегалци и политичко – економски мигранти, со херметичко затворање на нашите граници, создаде засега нераскинлива политичка врска помеѓу Груевски и Орбан, не занемарувајќи го и споделениот афинитет за т.н Крони капитализам (на другарчиња) и целосна контрола на медиумите и судството.

Сега да преминеме на врската на оваа парадигма со денешните случувања на политичката сцена кај нас, а по однос  на иницијативата за уставната измена.

Верувам дека многумина (без оглед дали пријатно или непријатно) се изненадени од упорноста на ВМРО ДПМНЕ категорично да опстои во отфрлањето на оваа инцијатива. Притоа од ден во ден,  партијата и нејзините зависно – независни апологети го засилуваат тонот и придружната реторика, со обвинувања кон соперниците и поинакво мислечките за национално предавство, портретирајќи се себеси како единствен заштитник на Македонците и на нивното загрозено опстојување во овој историски миг. Секако, повод и оправдување во јавноста за овој на прв поглед впечатливо силен пркос кон домашните соперници но и кон западните демократии, евидентната жилавост, тврдокорност и непопустливост, може да се најде и во хронологијата на настаните поврзани со нашиот сизифовски европски пат, но нештата стануваат  малку покомпликувани доколку се навлезе во политичката стратегија на партијата.

Првенствена целна група на ВМРО ДПМНЕ за собраниските избори, се неопределени избирачи Македонци кои имаат проблем да дигестираат последователни отстапки на европскиот пат. Притоа партијата веројатно калкулира дека нема да биде доволно да се ослони на сопственото гласачко тело, сочинето од нејзини лојални членови и симпатизери, а кое генерира стабилни близу 300 000 гласа, и дека за освојување на над 50 пратенички места во услови на слична излезност како во 2020 година (вкупно 912 186 гласа) ќе и бидат потребни дополнителни минимум 100 000 гласа.  Во сценарио тоа партијата да го постигне имајќи предвид дека анкетите укажуваат на ниска излезност, сепак има два аспекта кои можат да ја нарушат оваа (тажна или весела) математика.

Првиот аспект е собирањето на протестни и антиестаблишмент гласови од страна на Левица, кои можат дури и да се удвојат во споредба со освоените 37 426 гласа во 2020 година, и тоа повеќе на сметка на загубени потенцијални гласови за ВМРО ДПМНЕ отколку за СДСМ. Од друга страна и СДСМ се соочува со сличен предизвик поради популарноста на кумановскиот градоначалник Димитриевски, кој одзема гласови од нивното конто, но прашање е дали овие гласови можат однапред да се книжат на коалициско конто на ВМРО ДПМНЕ. Дополнително фрагментирање на политичката сцена може да настане и доколку Никола Димитров успее да излезе на избори со атрактивен тим на личности обединети во нова партија, лоцирана во центарот на политичкиот спектар. Притоа неопходно е навистина овој тим да биде доволно атрактивен за да  може иницијаторот да се потпре врз него во настојувањето јавноста да ги подзаборави неговите ефективни епизоди на соработка со ВМРО ДПМНЕ и потоа со СДСМ. Дури во тоа да успее политички еволуираниот како што сега се претставува, секако поискусен и несоменено харизматичен Димитров, тие гласови бидејќи се протестни, ќе се одземат од сметката на ВМРО ДПМНЕ и Левица, а помалку од сметката на СДСМ.

Вториот аспект е поврзан со ниската излезност која обезбедува осум пратеници повеќе за партиите во албанскиот политички блок. Второво е хендикеп за ВМРО ДПМНЕ имајќи предвид дека безмалку целосно им недостасува коалициски капацитет во смисла на изнаоѓање на сигурен и влијателен партнер во албанскиот политички блок. Оттаму и заклучокот за тековната стратегијата на партијата е дека се сведува на надеж за реактуелизирање на парадигмата за стабилност пред демократија. Односно, дека западните демократии во споредба со 2016 година, сепак ќе му „осигураат“ коалициски партнер(и) на ВМРО ДПМНЕ, поаѓајќи од премисата дека со оваа партија е поврзана мнозинска поддршка на Македонците, кои се мнозински народ во Републиката. Секако, теоретски можно е и сценарио за мнозинска моно-етничка влада предводена од ВМРО ДПМНЕ и Левица или замена на Левица со Димитриевски и Димитров, но со сериозни ризици по внатрешната стабилност.

Претпоставка е дека сите овие комплицирани математики би се избегнале доколку партиите недвосмислено се заложат и доследно се ангажираат за развој на силна демократија во Републиката, демократија која генерира стабилност. Прв чекор во таа насока би била определбата за водење на умерени политики во политичкиот спектар од десно и лево кон центарот. Во едни такви не толку далечни и неостварливи околности, сите водечки партии би имале коалициски потенцијал и би можеле да воспостават продуктивна соработка, наместо од едни до други избори државата постојано да се доведува на работ на внатрешна стабилност.

Извор: racin.mk

Викенд на гордоста – Скопје 2023: dragON forever на STEAM ROOM

Во рамки на единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје, на 9 јуни во 21 часот во Музејот на современа уметност ќе одржи танцовото и кореографско дело dragON forever на STEAM ROOM. Тематскиот фокус на Викендот на гордоста Скопје оваа година е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии.

dragON forever е третиот и последен дел од кореографската трилогија dragON на
STEAM ROOM. dragON forever претставува концепт за вечноста, а неговата музика
е моторот врз основа на кој изведувачите танцуваат кореографиран простор со
огромно кинетичко влијание.

Првите две дела, dragON aka PONY и dragON aka PHOENIX, се инспирирани и
обработуваат две специфични практики на дрег, балската култура и
интерактивната практика на навредување (reading). Во dragON forever, STEAM
ROOM проучува уште една историска дрег-практика: липсинкањето (lip synch).
Иницијалната каписла е меѓупросторот создаден меѓу песната и самото пеење
или, со други зборови, меѓу мимицираното пеење и мимиката на песната. Дали
може да се танцува во рамките на тој меѓупростор? Како би изгледала липсинк
кореографија? Трилогијата ги истражуваv практиките на дрегот од танцова и
кореографска перспектива со цел да се постави следното прашање: На кој начин
можат танцот и кореографијата да бидат дрег?

STEAM ROOM (Македонија, Бугарија, Шпанија, Шведска) е уметнички тим што
твори во областа на кореографијата и танцот. Основачи се Александар Георгиев-
Аце, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас, тројца кореографи/танчари активни на
локалната и на меѓународната сцена. STEAM ROOM е оформен во 2018 година.
Имаат создадено две уметнички дела (dragON aka PONY и dragON aka PHOENIX
во рамките на кореографираната трилогија dragON) и се иницијатори на културни
програми посветени на дискурзивни и критички практики, дијалог меѓу уметник-
уметност-публика, истражување, уметнички резиденции и нови уметници во
рамките на проектната институција Imaginative Choreographic Center (ICC).
Кореографијата и танцот се на STEAM ROOM, односно на Александар Георгиев,
Жана Пенчева, Дарио Барето Дамас. Музиката е на Цветан Момчилов, графичкиот
дизајн е на Ѓорѓи Деспосов, а сценографијата и костимите се на STEAM ROOM.

Продукцијата е на Garage Collective, а делото се изведува и со поддршка од
Културниот центар Köttinspektionen, Град Софија, Националниот културен фонд на
Бугарија – креативна стипендија, програмата „Културата ја движи Европа“.
Повеќе информации за целиот фестивал може да се најдат во каталогот на
фестивалот.

Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за
поддршка, а се реализира во партнерство со ТрансФормА, Заедно посилни, Музеј
на современа уметност – Скопје, КСП „Центар-Јадро“ и Тиииит!Инк., a
благодарение на несебичната поддршка на Heinrich Böll Stiftung, Фондација
Отворено Општество Македонија, Министерство за култура на Северна
Македонија, Friedrich Ebert Stiftung и Transgender Europe. Изложбата на Карол
Раѓишевски се реализира во партнерство со Заедно посилни, и е делумно
поддржана од Европската унија. Перформансот на Малик Нашад Шарпе се
реализира во партнерство со ТрансФормА, и е делумно поддржан од Transgender
Europe. СРАМОТА! се реализира во партнерство со Тиииит!Инк. и е поддржано од
Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna.

Се множат измамите, избегнувајте купување преку социјални мрежи од нерегистрирани фирми

Доколку не им е доставена фискална сметка, фактура или сметкопотврда, тогаш граѓаните немаат обврска да го подигнат производот, порачуваат од Организацијата на потрошувачи, препорачувајќи им на граѓаните да не потпаѓаат на бомбастични рекламни пораки на интернет

Расте бројот на онлајн купувања на македонските граѓани, а паралелно се множат и измамите на граѓани при купувањето на виртуелните продажни места на Интернет. Незадоволството на граѓаните од онлајн измами се шири преку постови на социјалните мрежи, но и се пријавува кај Организацијата на потрошувачи на Македонија и во Министерството за внатрешни работи. За да се избегне „празнењето” на кредитните картички преку измами, постојат неколку препораки кои треба да ги следиме како граѓани.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија за Мета.мк објаснуваат дека во делот на онлајн купувањето во 2021 и 2022 година имаат добиено над 420 поплаки од потрошувачи.

Од МВР велат дека во текот на 2022 година и првите три месеци од годинава биле поднесени вкупно 27 пријави за измами при нарачување на производи од Интернет, а по преземени мерки поднесени се девет кривични пријави за кривично дело „измама“.

Кои се најчестите форми на онлајн измами при купување?

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР бележи појава на интернет измами со нелегално преземање и измамничко посредување во деловната комуникација преку електронска пошта помеѓу македонски компании и нивните бизнис партнери од странски земји, претежно од Азија, Африка и од Латинска Америка.

Меѓународни криминални групи со примена на спам пораки, методи на фишинг и социјален инженеринг, успеваат да ја украдат лозинката за пристап до мејлот на бизнис партнери, по што добиваат непречен пристап до историјата на целокупната комуникација. Потоа, како што објаснуваат од МВР, криминалните групи креираат нови мејл адреси кои минимално, односно за еден карактер се разликуваат од оригиналните и истите тешко се забележуваат во комуникацијата, на пример: p0raka@mail.com наместо poraka@mail.com или primerl@mail.co.uk наместо primer1@mail.com.

„Организираните криминални групи со примена на “украдената” лозинка ја преземаат оригиналната порака, ја модифицираат и ја препраќаат од еден од лажно креираните емаил адреси. На тој начин двете страни во комуникацијата се ставени во заблуда дека комуницираат со вистинскиот партнер“, објаснуваат од МВР.

Најчесто измамниците, потоа се претставуваат како вистинскиот партнер – испорачател на договорената стока и му испраќаат порака на партнерот – набавувач  дека ја имаат променето банкарската сметка за уплата на средства и бараат авансни средства да бидат уплатени на нова сметка која ја доставуваат во прилог на пораката.

Криминалните групи располагаат со банкарски сметки во различни земји, а многу често доколку некоја од сметките е блокирана, за краток рок доставуваат алтернативна сметка за уплата, го објаснуваат од МВР еден од начините на онлајн измама.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија пак објаснуваат дека при купувањето на Интернет посебно внимание треба да се обрне на продажбите на социјални мрежи (Фејсбук, Инстаграм и други) од нерегистрирани фирми или оние кои немаат регистрирано седиште, не даваат можност за плаќање преку трансакција или сметка во банка и не издаваат сметка/фактура, гарантен лист или друга документација за производот.

„Бидејќи кај нас не се конкретно регулирани овие нелегални продажби на социјалните мрежи, за разлика од легалните онлајн продажби, нема механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп“, појаснуваат од Организацијата на потрошувачи.

Токму поради тоа, граѓаните се тие кои треба да внимаваат при купувањето на социјалните мрежи, бидејќи понатаму ќе имаат потешкотии за заштита на своите права.

За било каква злоупотреба на личните податоци, граѓаните треба истата да ја пријават до Агенцијата за заштита на личните податоци, додека злоупотребата на банкарските картички или слични измами треба веднаш да се пријави до Секторот за компјутерски криминал при МВР.

На што треба да внимаваме како потрошувачи при онлајн купувањето?

Граѓаните треба да направат динстинкција помеѓу легалната и нелегалната продажба на интернет. Во Македонија постојат закони за електронска трговија и за заштита на потрошувачите кои ја дефинираат онлајн продажбата, заедно со правата и обврските на двете страни, но овие закони се однесуваат само на оние трговци кои се регистрирани за вршење на онлајн продажба. Оттука, граѓаните треба да извршат добра проверка на виртуелното продажно место од каде што сакаат да купат нешто.

„При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи е потребно како потрошувачи однапред да утврдат и истражат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на меил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/ фактура или сметко-потврда“, објаснуваат од Организацијата на потрошувачи.

Доколку не им е доставена фискална сметка, фактура или сметкопотврда, тогаш граѓаните немаат обврска да го подигнат производот, порачуваат од Организацијата на потрошувачи, препорачувајќи им на граѓаните да не потпаѓаат на бомбастични рекламни пораки на интернет, од примерот на: попуст само еден ден, гратис производи или акција на производи кои се копија од некој актуелен бренд.

Од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија за Мета.мк велат дека креирале активности и мерки, со кои им помагаат на потрошувачите при носењето на одлуки за онлајн купувањето.

Во состав на платформата ecommerce4all.eu, го изработиле и прирачникот Заштита на правата на потрошувачите во С.Македонија, преку кој каде граѓаните прво можат да се запознаат со нивните права како потрошувачи и заштитата која им ја нуди законот. Креирале и Регистар од регистрирани е-трговци, преку која лесно да може да се провери дали компанијата од каде се купува е регистрирано правно лице и нуди е-плаќање. Над 100 е-продавници во земјава се имаат стекнато со Беџ за верификуван е-трговец, преку кој се поддржува негувањето политики и пракси кои се во корист на потрошувачите.

Проверката за веродостојноста, легитимноста и добрата работна практика на е-продавницата, велат од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија е првиот чекор кој граѓаните треба да го преземат.

„Доколку сакате подетално да ја проверите компанијата од која нарачувате погледнете ги нивните: Политика за враќање на производ, Политика за колачиња, Политика за приватност и Условите за користење и дали сајтот е безбеден, односно дали поседува https протокол – катанчето лево од името на веб-сајтот во searchbar-от го покажува тоа“, потенцираат од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија.

Од Асоцијацијата со совет до граѓаните – да ги читаат и рецензиите за оценка кои други купувачи ги оставаат кои задоволни/незадоволни клиенти за самата е-продавница, но и да проверат дали се јавно достапни податоците за правниот назив на компанијата и контакт податоците за нив. Исто така, препорака е граѓаните да се информираат и за условите за користење на веб-страницата, политиките за приватност и политиките за враќање на производи.

„Ова можеби изгледа како многу чекори кои треба да се преземат или нешто кое одзема време, но подобро е да се потрошат нецели пет минути во кои ќе се осигурате во исправноста и добрата работна практика на компанијата од која нарачувате, отколку да бидете измамени од некој нерегистриран и непознат субјект“, порачуваат од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија.

НБРСМ: Трансакциите кон интернет продавници лани зголемени за 25 отсто

Македонските граѓани во 2022 година реализирале вкупни трансакции кон интернет продавници во земјава и странство во висина од 550,2 милиони евра, што претставува раст од 25 отсто во споредба со претходната година. Покрај потрошените средства, лани за 13 отсто пораснал и бројот на онлајн трансакции што биле направени од физичките лица, покажуваат податоците на Народната банка на РСМ (НБРСМ).

Купувањата кај домашните трговци на Интернет лани изнесувало вкупно 394 милиони евра, со што е забележат раст од 18 отсто во однос на 2021 година. Македонските граѓани пак во странство со картички во 2022 година оствариле трансакции во вредност од 156 милиони евра, односно забележано е зголемување од 46,3 отсто. Централната банка бележи и зголемување на бројот на новоотворени онлајн продавници за 14 отсто во 2022 година, односно отворени биле 269 нови продажни места на интернет.

Извор: meta.mk

Спасовски за „Политика“: „Отворен Балкан“ се залага за стабилен регион, мир, соработка и економски развој

„Иницијативата ‘Отворен Балкан’ се залага за стабилен регион, мир, соработка и економски развој со цел во еден момент Западен Балкан да стане дел од ЕУ. Оваа иницијатива е плодно тло за историски чекори напред и овозможување на слободно движење на луѓе, стоки и услуги, отворање нови пазари, унапредување на добрососедските односи“ рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за белградска „Политика“.

Тој додаде дека премногу конфликти и војни го спречуваа развојот на регионот и државите на Балканот и дека е јасно оти безбедноста е основ за развој на една земја.

„Се изморивме од тоа да не викаат ‘буре барут’. Позитивниот исход од односите меѓу Србија и Косово ќе имаат пресудно влијание во целиот регион. Крајно време е да станеме пример за безбеден регион, без отворени прашања, со добрососедски односи и силна регионална сорабокта. Сите имаме единствена цел – да бидеме дел од европската заедница, да ги имплементираме европските вредности и да овозможиме подобар животен стандард за граѓаните“ рече Спасовски.

Министерот додаде дека со Србија веќе немаме отворени прашања, градиме меѓусебна доверба, соработуваме како најблиски соседи и искрени пријатели.

„Изминатиот период имавме интензивна соработка преку иницјативите ‘Отворен Балкан’ и Берлинскиот процес, но и билатерално надминавме многу предизвици на економско-енергетската криза. Потпишавме заеднички договори во областа на енергетиката и инфраструктурата, со што се отвораат нови перспективи“ рече Спасовски.

Извор: Политика

(ФОТО) Протестен марш во Софија против претседателот Румен Радев и русификацијата на Бугарија

Вечерва во центарот на Софија се одржува  протестен марш против русификација на Бугарија и лошите политики на бугарскиот претседател Румен Радев кои се во корист на руските интереси

Фото: ЦивилМедиа

Како што известуваат за Цивил Медиа од Софија, протестниот марш под мотото „Бугарија е парламентарна република и полноправна членка на ЕУ и НАТО“ започна од претседателството и се движи кон Националното собрание

Фото: ЦивилМедиа

Забележливо е зголемено полициското присуство. и засега, според информациите на Цивил Медиа од Софија. нема инциденти

Фото: ЦивилМедиа

Насобраните луѓе го изразуваат своето несогласување со постапките на претседателот Румен Радев, кој, според нив, не работи во корист на бугарското општество, туку во корист на руските интереси.

Фото: ЦивилМедиа

Насобраните граѓани носат пароли на кои бугарскиот претседател го нарекуваат „Опасност за Бугарија“, „Руски слуга“ , „Слуга на КГБ“, а Русија ја нарекуваат „Вечна империја на злото“.

Д. Мишев

Извор: Цивил Медиа

Почнаа работите на коридорот 8, постоечкиот автопат Тетово-Гостивар ќе се трансформира во автопатско решение со по три ленти во двата правци

Изградбата на стратешките инфраструктурни проекти е важна пред сè за подобрување на условите за живот на граѓаните, за обезбедување модерна и безбедна патна и железничка инфраструктура, за рамномерен регионален развој, што крајно значи и дополнителен импулс за развојот на вкупната економија.

Меѓу позначајните стратешките проекти е изградбата на Коридорите 8 и 10д.

Почнаа геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар

„Почнуваме со нов концепт на градба на нашите патишта. Истовремено почнуваме со четири главни активности на градба на Коридорот 8 и на Коридорот 10д. Од денеска почнуваме со геомеханичките испитувања, паралелно ќе одиме со проектирање и со подготвување на елаборати за експропријација и со мобилизација на градба. Во моментот кога ќе ги имаме експроприрано дел од трасата и проектирање, веднаш ќе почнеме и со градбата на Коридорот 8, изјави Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта по повод почнувањето со геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар. На настанот присуствуваа и вицепремиерот Артан Груби и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Работа на терен. Геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар. Фото: Влада.

Според Рустеми овој начин на паралелна работа е различен од градењето патишта порано, па затоа смета дека според договорот овие 110 километри автопатишта ќе бидат завршени во предвидениот рок за помалку од пет години.

„Овде е голема разликата помеѓу стариот концепт што го имавме досега и новиот концепт сега што го имаме со „Бехтел и Енка“. Бидејќи со црвениот фидик ние прво требаше да имаме проектни задачи, па да проектираме, па после да вршиме ревизија на проектот, па после да добиваме одобрение од Министерството за транспорт и врски. За целата постапка ни требаше 4-5 години да заврши проектот па после да почнеме со градежните работи. Со новиот концепт ние паралелно ги тераме сите овие активности и геомеханички испитувања, и проектирање, и експропријација и градежни работи. Овие 110 километри автопатишта ќе бидат завршени за 4 години и 7 месеци“, истакна Рустеми.

Тој нагласи дека за сите активности што се одвиваат сега се ангажираат компании од Македонија и во наредниот период ќе бидат ангажирани и сите наши служби што ги имаме од Република Северна Македонија, рече Рустеми.

Вицепремиерот и координатор за изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10д. Артан Груби, по разговорот со инженерите истакна дека геомеханичките испитувања ќе значат ископувања со машина на длабочина од шест до седум метри на секои 100 метри на цела траса до Струга за да се утврди составот на земјата и постапката понатаму.

„Сега каде што сме ќе се гради страничен пат на автопатот. Постоечкиот автопат Гостивар-Тетово ќе се руши и ќе се прави нов автопат со по три ленти во еден правец и уште толку во другиот правец. Ќе има страничен пат за поврзување на селата, ќе има надвозници, ќе има подвозници“, рече Груби.

Потпишана Одлуката на Европската комисија – Коридорот 8 влегува во мрежата на главни коридори во регионот и во ЕУ

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на министерскат конференција во Црна Гора посветена на поврзаност на земјите од Западен Балкан, а во организација на Секретаријатот на транспортната заедница и ЦЕФТА, го потпиша Анексот на Одлуката на Европската комисија – „Разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Република Северна Македонија”, со кој Коридорот 8 станува дел од мапата на главни коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија.

Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство. На Конференцијата, покрај министерот Бочварски, присуствуваа и министри за транспорт и инфраструктура на земјите од регионот, како и претставници на Транспортната заедница и Европската комисија.

Конференција во организација на Секретаријатот на транспортната заедница и ЦЕФТА во Црна Гора. Потпишана Одлуката на Европската комисија – Коридорот 8 влегува во мрежата на главни коридори во регионот и во ЕУ

Бочварски во гостување во „Топ тема“ на Телма, нагласува дека вакво барање до Комесаријатот за транспорт на Европската унија, било испратени и во 2013 година од тогашната македонска Влада, но тогаш не било прифатено. „Денес е прифатено поради тоа што и во нашата презентација, но и од страна на Бугарија и останатите држави каде што поминува истакнавме дека работиме на доизградба на коридорот“, рече Бочварски.

Подготвителните градежни работи на коридорот 10д продолжуваат, се подготвува изградбата на модерниот автопат Прилеп – Битола

Во меѓувреме продолжуваат подготвителните градежни работи и на Коридорот 10д на автопатската делница Прилеп-Битола, како дел од активностите за изградба на овој коридор чиј почеток на реализација беше означен во Прилеп.

Согласно предвидената динамика во договорот за изградба, во следните денови ќе се вршат геомеханичките истражувања на теренот, за подготовка на изградбата на автопатот кој ќе ги поврзе Прилеп и Битола. Оваа автопатска делница со вкупна должина од 39,3 километри е приоритетна за граѓаните од Прилеп, Крушево, Битола, Могила, Новаци, Ресен, како и за сите останати кои живеат или транзитираат низ овој регион.

Собранието ги донесе, Пендаровски ги потпиша измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д.

Собранието на 115-тата седница ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д. Промената на законските решенија се однесува на доуредување на постоечките закони, со кои ќе се овозможи ефикасна и брза реализиција на стратешките проекти кои се однесуваат на изградба на патиштата, железничките пруги, гасоводи и други градби од национален интерес.

Коридори 8 и 10д.

Претседателот Стево Пендаровски ги потпиша указите за петте закони за изградба на коридорите 8 и 10д. Како што рече на прес-конференција, секоја заинтерсирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој од овие закони, вклучувајќи го и оној за измени и дополнувања на Законот за работни односи за кој реагираа дел од синдикатите, дел од граѓанските здруженија и некои политички партии. Според шефот на државата, по консултации со експерти е утврдено дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која предвидуваше дека „работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“.

Бенефит од изградбата на автопатиштата

Со Коридорите 8 и 10д за прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Се поврзуваме со пристаништето во Драч и со пристаништето во Бургас. За споредба, досега имавме пристап само до пристаништето во Солун. Трасите каде што ќе се градат делниците отвораат дополнителни можност за изградба на нови објекти од различни дејности, како што се бензиски пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се нови можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите.

Како што потенцираат од Владата, со реализацијата на овој стратешки проект, во кој е предвидено да се вклучат домашни компании, значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните пет години.

Со изградбата на овие два коридори, од кружен тек на Балканот, Северна Македонија конечно станува вистинска крстосница на Балканот, можност да бидеме на сообраќајната и економската карта на Европа.

Ј. Ѓ.

извор: frontline.mk

Путин поттикнува немири на Балканот како нов фронт во неговата војна против Западот

ДРАГАН МИШЕВ

Путин подготвува нов фронт во неговата војна против Западот. За таа цел се чини дека нема подобра опција од тоа да поттикнува немири на Балканот, мекиот стомак на Европа.

Со оглед на тоа што путиновата „специјална воена операција“ во Украина не оди според планот, ништо повеќе не би посакал Владимир Путин, освен да предизвика избувнување на нов конфликт во Европа. Со тоа би постигнал две цели: Пред домашната јавност, разочарана од неуспесите на фронтот, соочена со падот на животниот стандард поради западните санкции и големата трошење во воени цели и исплашени од неодамнешните напади на руска територија би докажал дека единствен виновник за тоа е Западот и дека Русија не води војна против Украина, туку против НАТО алијансата, целиот Запад од една страна, и, од друга страна би можел да ја примора западната алијанса да ја намали поддршката и да ги пренасочи клучните ресурси кои во моментов се насочуваат кон украинската војска.

Руските цели на Западен Балкан малку се променија во последните години. Русија се стреми да манипулира со своите врски на Балканот за да го одвлече вниманието на ресурсите и вниманието на Западот од постсоветскиот простор, кој Кремљ го гледа како сфера на влијание на Русија.

Во овој контекст, Балканот обезбедува плодна територија каде што Кремљ може да го задоволи својот апетит за политичко мешање со цел да предизвика дополнителни немири во Европа.

Западен Балкан изгледа особено ранлив на зголемениот апетит на Москва да предизвика судири. Зголемените етнички конфликти во регионот, историскиот афинитет кон Русија и огорченоста кон Западот навидум го прават идеално игралиште за Кремљ.

Желбата на Русија да го прошири своето влијание на Балканот се засилува по распадот на Југославија, која ја оживеа конкуренцијата на големите сили во регионот што постоеше со векови. Москва е вознемирена од напорите на Западот да им одобри на поранешните југословенски републики членство во институции како што се ЕУ и НАТО.

ЕУ кандидати од Западен Балкан

За да го следат овој тренд, руските разузнавачки служби активно се обидуваат да ги поткопаат проевропските режими, особено во Црна Гора каде Москва беше обвинета за обид за државен удар за време на парламентарните избори во 2016 година. Во поново време, Кремљ се обидува да ги разгори и да ги искористи нерешените тензии меѓу Србија и Косово, како и оние во Босна и Херцеговина, и ги поттикнува антиевропските сили во Северна Македонија да го попречат отпочнувањето на преговорите за членствона земјата во ЕУ, за да ја прошири својата база на поддржувачи, да предизвика дополнителна нестабилност и да го ослабне влијанието на ЕУ и НАТО.

Логиката е јасна: сè додека интеграцијата на државите од Западен Балкан во евроатлантските институции остане нецелосна, Западот нема да сака да се впушти подалеку и да понуди членство во НАТО и ЕУ на Грузија, Молдавија и Украина. Така, Москва треба да го задржи Западот апсорбиран во балканските работи со застој во решавањето на локалните конфликти, поттикнувајќи меѓуетничка огорченост и промовирајќи антизападно и проруско расположение, кое е традиционално силно во регионот.

Така, актуелните немири кои избија на северот на Косово, од регионални тензии и локални  несогласувања, сега, со помош на Москва, имаат потенцијал да ескалираат во многу поголема криза, особено кога луѓето како што е тенисерот Новак Ѓоковиќ, идол на многу Срби, чиј татко Срѓан потекнува од Косово, е подготвен да скокне во одбрана на великосрпската кауза под покровителство на новиот руски империјалзам. Симпатиите на семејството Ѓоковиќ кон Путин секако станаа очигледни уште во јануари на Австралија Опен, кога Срѓан беше виден како позира со навивачите закитен со руски знамиња и симбол „Z“.

Фото: Таткото на Новак Ѓоковиќ позира со маж облечен во маица Z и држи знаме на Путин /@AussieCossack

Голема улога во инсталирањето на руските интереси на Балканот има руската пропаганда која е особено силна во медиумите на Балканот, особено српските. Балканот традиционално е регион ранлив на руската пропаганда и секакви антизападни наративи, вклучително и оние од конспиративна природа. Ова се должи и на историски детерминираните русофилски и словенофилски традиции, како и на скептичниот однос кон НАТО и предрасудите кон САД. Пред сè, тоа се однесува на Србија и Србите. Во моментов Србија е единствената земја во Европа (со исклучок на Белорусија), каде што руските медиуми не само што не се забранети, туку, напротив, се добредојдени да работат и да се шират (Спутник, РТ). Повеќето медиуми во Србија имаат повеќе или помалку позитивен став кон Русија (вклучувајќи ги и провладините публикации), што е одраз на општествено-политичкото расположение во оваа земја. Спектарот на проруски позитивен став во српските медиуми е различен: од латентен до отворено радикален.

Овој вториов доминира во српските медиумите особено за време на актуелните тензии на северот на Косово.

Треба да се земе предвид дека сегашната русофилија меѓу Србите, која понекогаш добива искрено шокантни форми, дополнително се влоши по целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година. Од перспектива на српските поддржувачи на Русија, особено на националистите, сегашната руска агресија врз Украина изгледа како еден вид одмазда кон САД, НАТО и колективниот Запад, кога во 1999 година, за време на диктатурата на Слободан Милошевиќ, беа бомбардирани од НАТО, и сè уште постои силно чувство на незадоволство и навреда во однос на Северноатлантската алијанса.

Меѓутоа, во тој контекст, Србите како да не сакаат да го согледаат фактот дека и тогаш поддршката од Путин изостана, односно помеѓу ветуваната руска помош за Србија при конфликт со НАТО, се испречија некои други интереси на Путин.

И сега повторно, Србите, пред сè оние на Косово, помошта очекуваат да дојде од братска Русија и самиот Путин како „бранител“ на православието.

Москва ја користи и дипломатската поддршка на одбивањето на Белград да го признае Косово и за да го поткопа легитимитетот на спорот Србија-Косово додека „поддржува агресивни акции“ за да се спротивстави на косовската власт и да ја поткопа српската подготвеност да соработува со наводните косовски сојузници на Запад.

Оваа недела во северно Косово, моќен симбол на рускиот експанзионизам се појави заедно со српските знамиња што означуваат отпор кон властите во Приштина.

Фото: Симболот „Z“, обоен во боите на руското знаме на ѕид во Косовска Митровица во северно Косово/ RFE

На социјалните мрежи и во медиумите се споделуваа слики од „Z“, што го користат руските сили кои ја нападнаа Украина, насликани или на друг начин исчкртани на возилата на косовската полиција и на мировниците на НАТО.

Група маскирани лица беа фатени на дело како ја бојат „Z“ со спреј врз оклопните сини камиони на косовските специјални полициски единици во Звечан, местото на најголемото насилство на 29 мај.

Истовремено, и во Србија и на објекти на северот на Косово се појавија и симболите на озлогласената платеничка група „Вагнер“, за која се верува дека има свои инсталации и канцеларии за регрутација во Србија.

Фото: Мурал посветен на руската паравоена единица Вагнер се појави на ѕидот под Бранков мост во Белград / The Geopost

Се верува дека дека некои платеници на „Вагнер“ се упатиле во Косово, а можеби веќе и активно земале учество во немирите во кои беа повреденини 30-тина припадници на КФОР, а меѓу толпата беа забележани и припадници на безбедносните сили од други градови на Србија.

Фото: Учесник во немирите идентификуван како полицаец од Србија/ Твитер

Времето ќе покаже дали Србија и Србите повторно ќе останат само монета за поткусурување во Путиновите пазарења, и маша за да не си ја изгори раката при разгорување на огнот во срцето на Европа.

Извор: civilmedia.mk

Анкетните листови поднесени – лисичани во неизвесност, ќе никнат ли згради пред нивните куќи?

Жителите на населба Лисиче бурно реагираа на предлог Детален урбанистички план што предвидува изградба на неколку згради во реон со семејни куќи и зеленило.

Додека траеше увидот во предлог ДУПот, мнозинството граѓани од оваа населба поднесе анкетни листови со приговори каде се противат на конкретните парцели да се изградат згради.

Оттогаш поминаа неколку недели, но жителите на населба Лисиче се уште живеат во неизвесност што е со нивните претставки и дали тој за нив штетен ДУП ќе биде донесен.

Дел од нив се загрижени и поради молкот од општината и сметаат дека градоначалникот Тимчо Муцунски намерно го ставил „под тепих“ овој план со цел јавноста да се смири и подзаборави на измените.

„И јас како и моите соседи поднесов анкетен лист дека не се согласувам тука да се градат згради. Еве поминаа повеќе од две недели, а никој од општината не излезе да каже што се случува со тие наши приговори. Мислам дека општината сака да помине време народот да заборави, па пак да го донесе и усвои. Искрено се надевам дека градоначалникот нема да тргне против своите граѓани и дека нема да се градат згради тука и да продолжиме да си живееме мирно и нормално како сега“ изјави повозрасен жител на населба Лисиче.

Извор: 24info.mk